Вести Македонија Топ вести

Сè побројни огласи за вработување на странски државјани – владата одобри 10.000 дозволи за годинава

Агенција за посредување при вработување на луѓе од Бангладеш, од Непал, од Индија и од Шри Ланка носи работници во земјава од различни професии со или без работно искуство. Вакви огласи сè почесто можат да се забележат по интернет огласниците за носење на странски државјани за потребите на македонските компании. Телма разговараше со преставник на една од, како што вели, лиценцираните агенции кој тврди дека соработува со агенција од Бангладеш.

„Соработуваме веќе четири години и стекнавме доверба, бидејќи најбитно е работниците кои ќе дојдат во земјава, кај работодавачите и да останат, а не да ги злоупотребуваат нашите фирми. Постапката за да се добие работна дозвола е сложена, има еден куп документи, а би сакале и да се добие нов Закон за странци со кој би се олеснила целата процедура“, ни изјави претставник на агенцијата „Балкан човечки ресурси“. 

Владата денеска ја утврди квотата на странски работници кои можат да добијат дозвола за работа. Таа останува иста како и лани, 10.000 луѓе, и покрај тоа што стопанските комори бараа зголемување на оваа бројка. Најчести сектори каде што се вработуваат странските работници се градежништвото, хотелиерството и угостителскиот сектор, преработувачката индустрија и трговијата.

„Во сите оние сектори во кои и досега имаше потреба и тоа е вообичаена процедура која што се подготвува секоја година, така што нема некои дополнителни отстапувања. Тоа се секторите кои се нотирани од страна на стопанските комори и работодавачите“, вели премиерот Христијан Мицкоски.

Агенцијата за вработување лани позитивно одлучила за 8.500 дозволи за работа за странци. Овој документ им е потребен на странците за да добијат дозвола од МВР кое, пак, лани издало 6.130 дозволи за привремен престој за работници.

Четвртина од позитивните мислења се за турски државјани кои се први по број со 2.815 мислења. По нив доаѓаат од Бангладеш со 1.567, Непал со 1.089 и Индија 1.079. Но, според статистиката, очигледно е дека бројот на луѓе кои доаѓаат од Непал, од Бангладеш и од Индија наеднаш расте, односно пред 2023 година речиси и да ги нема воопшто во статистиката.

Билјана Николовска Тодорова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Осум земји од ЕУ го блокираат отворањето нов кластер за Србија, меѓу нив и Бугарија Хрватска?

Kristina Kuzmanovski

Рачна бомба фрлена кон ресторан во тетовско, две лице се повредени во експлозијата

Дејан Дејан

Ердоган им подари на сите лидери на НАТО гравиран револвер и кутија со боева муниција

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе