Уставот и законите ги гарантираат слободите и правата на припадниците на малцинствата во земјава, но колку тие целосно ги уживаат и практикуваат.
Телата за борба против дискриминација се уште потврдуваат случаи на дискриминација по основ на етничка припадност во земјава.
Дали Акцискиот план за заштита на правата на малцинствата е чекорот со кој ќе се надмине тоа?
Во Топ Тема дебата со Марија Сулејманова од “Ромалитико”, Стерјо Папули од Партијата на Власите од Македонија, Ненад Живковиќ од Партија на Хрватите во Македонија и Рубин Земон од Сојузот на Балканските Египќани.
Стерјо Папули од Партијата на Власите од Македонија рече дека Власите имаат проблем со видливоста во земјава, но дека сегашната власт им дава поддршка па лани го прославиле Националниот ден на Власите. Тој смета дека акцентот треба да биде ставен на образованието и изучувањето на влашкиот јазик. За тоа, според него, е потребна финансиска поддршка од МОН за обучување на наставен кадар.
Според Марија Сулејманова од “Ромалитико” добро е што Ацискиот план повтоно ќе ги врати во фокусот прашањата на помалите заедници. Таа истакна дека во однос на сегрегацијата направени се промени но дека забележани се примери на сегрегација во одредени паралелки во училиштата, што е голем проблем на локално ниво. Сулејманова како позитивен пример и добра пракса ја посочи соработката со Академијата за судии и јавни обвинители и со Тренинг центарот за полицајци.
Ненад Живковиќ од Партија на Хрватите во Македонија истакна дека Акцискиот план е добра основа за решавање на сите прашања, но клучна е меѓуресорската комуникација, односно државните институции да одржуваат редовни контакти со работните групи. Минатата година за првпат беше формирана Партијата на Хрватите во земјава со што од невладин сектор прерасна во политички активизам.
Според Рубин Земон од Сојузот на Балканските Египќани, кој учествувал во првата фаза од подготовката на Ацискиот план, од страна на ЕУ било побарано да се покријат три области – образовани, култура и антидискриминација, како говор на омраза. Тој истакна дека Стратегијата за интеркултурализам и општествена кохезија треба да се спроведе, како што било истакнато од Брисел.
Б.С.
