Едно лице е потешко повредено попладнево при најмалку една експлозија во куќа во центарот на холандскиот градот Утрехт, по што во објектот избувнал пожар. Според холандската државна телевизија НОС, околу 15:30 часот, полицијата била алармирана дека се слушнала „гигантска експлозија“, по што кон местото на настанот се упатиле полициски тимови, како и екипи на брзата помош и противпожарната служба.
Други медиуми јавуваат дека пред избувнувањето на пожарот се слушнале две експлозии, а според некои медиумски извештаи се споменува и „серија од неколку експлозии“. Причините за експлозијата или експлозиите засега не се познати.
Медиумите јавуваат за искршени прозорци на повеќе околни згради, како и за остатоци од цигли и крш по улицата. Реонот околу зградата е блокиран, а затворени се и историската улица „Спрингвег“ и популарниот плоштадот „Маријаплас“, кои се наоѓаат во непосредна близина.
НОС информира дека степенот на подготвеност безбедносните служби е подигнат на ниво 2, што се дефинира како „инцидент со дефинитивен ефект врз околното подрачје“.
