Протестите против теократскиот режим во иран продолжуваат, како и неговиот обид брутално да ги задуши. Повеќе дневниот прекин на интернетот и комуникациските услуги во државата го прават добивањето точни информации од Иран исклучително тешко. Последните информации кажуваат дека во обидите на режимот да ги задуши протестите до сега загинале 544 лица.
Американскиот претеседател Доналд Трамп и неговите поддржувачи, поттикнати од успехот на интервенцијата во Венецуела, претходно го предупредија Техеран дека Вашингтон ќе интервенира ако режимот започне да убива демонстранти за да ги растури протестите.
Ако го направат тоа ние ќе разгледаме можности, неверојатни мети, ако го направат тоа ќе ги нападнеме како што никогаш до сега не биле нападнати, и самите нема да веруваат. Имам опции кои се многу моќни. Затоа, ако го направат тоа, ќе биде пречекано со многу, многу моќна сила, порача американскиот претседател.
Американските медиуми соопштија дека Пентагон и разузнавачките агенции подготвуваат низа оперативни планови интервенција во Иран, а тие ќе му бидат претставени на Трамп утре. Тоа го потврди и самиот Трамп, откако претходно откри дека Техеран побарал преговори.
Тоа се насилни лидери, ако може да се наречат лидери, не знам дали се лидери, тие владеат преку насилство. Но, ние сериозно следиме, армијата следи и разгледуваме неколку моќни опции. Ќе донесеме одлука, рече трамп.
Од другата страна, властите во Техеран продолжуваат со досегашната реторика, предупредувајќи ги САД и Израел дека во случај повторно го нападнат Иран, сите нивни воени и дипломатски бази ќе бидат легитимни мети. Претседателот Масуд Пазешкиан, кого многумина го сметаат за поумерен политичар, своите досегашни обраќања ги фокусираше на домашната публика, апелирајќи до народот да им даде доволно време на властите да ги имплементираат потребните реформи.
Ги замолуваме нашите драги млади луѓе, кои исправно или погрешно самите дошле до некаков заклучок, да не бидат залажани од овие агитатори и терористи. Оваа држава ни припаѓа нам. Тие не сакаат во оваа земја да има достоинство и гордост. За време на 12 дневната војна, Израел и САД се обидоа да нѐ спуштат на колена, но не успеаја бидејќи народот не го дозволи тоа, рече пазешкиан.
Изминатиот викенд протестите ширум Исламската република ја поминаат двонеделната одредница а нивната масовност и интензитет сугерираат дека ова е можеби најсериозниот предизвик за теократскиот режим кој ја презеде власта по исламската револуција во 1979 година.
Игор Трајков
