Агенцијата за филм ги објави резултатите од вториот рок на конкурсот од 2025 година за поддршка на анимирани, документарни и играни, долгометражни и краткометражни филмови. Поддржани се вкупно 20 проекти со сума од 97милиони 300 илјади денари или околу 1, 6 милиони евра.
Во категоријата што влече најмногу пари- долгометражни играни филмови со македонски мнозински удел, поддржани се 4 проекти. Најмногу средства-18 милиони и 500 илјади денари или 300 илјади евра му се доделени на филмот „ Не плачи душо“ на сценаристите Катерина Митровиќ и Радован Петровиќ, кој воедно е и режисер на филмот. А, најмалку пари- 15 милиони денари или околу 245 илјади евра доби филмот „ Патници “ на режисерот Николче Поповски.
- Согласно Законот за филмска дејност, Управниот одбор на Агенција за филм на Република Северна Македонија на седница одржана на 26.12.2025 година ги донесе одлуките за прифатени и одбиени проекти по Конкурс за финансирање на проекти за производство на долгометражен и краткометражен игран, документарен и анимиран филм за 2025 година, во втор рок на одлучување, велат од Агенцијата за филм.
Поддржани се и 4 долгометражни играни филмови со македонски малцински удел. Во оваа категорија најмногу средства- 3 милиони денари или околу 49 илјади евра се одобрени за филмовите „ 8 Март- Меѓународен ден на жената“, на сценаристите Румена Бужаровска и Срѓан Драгојевиќ и „ Штом падне ноќ“ на Ереник Беќири и Марија Апчевска. Најмалку пари, во висина од 2 милиони и 500 илјади денари или 40 илјади евра има за „ Југослава“ на режисерот Иван Бакрач.
Во категоријата долгометражни документарни филмови со македонски мнозински удел, поддршка добија два проекти, а доминира финансирањето на проектот „ Ја убивам за филм“ на режисерот Ивица Димитријевиќ, со одобрени 2 милиони денари или 32, 5 илјади евра.
Иста сума Агенцијата за филм ќе даде за 2 остваувања од категоријата краткометражни играни филмови со македонски мнозински удел. Се работи за проектите „ Тивко бело“ на режисерката Лидија Мојсовска и за „ Светлината на сонцето“, во режија на Висар Вишка. Најмала поддршка од 1 милион денари или 16 илјади евра овдека имаат филмовите „ Влез “ и „Туѓина“ на режисерките Тина Величковиќ и Ана Јакимска. А, од два поддржани краткометражни документарни филмови со македонски мнозински удел, доминира поддршката за „ Белешки кон една непремостива хроника“ на режисерката Кумјана Новакова. Филмот ќе добие 1милион и 500 илјади денари или 24 илјади евра.
Во вториот рок од конкурсот не се поддржани анимирани остварувања.
Сотир Трајков
