Вести Македонија Најважни

Бугарија тврди дека не и пречи македонскиот јазик на Акцискиот план за малцинствата

Бугарија негира дека го спорела Акцискиот план за правата на малцинствата доставен од Македонија до ЕУ поради тоа што бил напишан на македонски јазик, откако премиерот, Христијан Мицкоски, вечара изјави дека Бугарија била единствената земја-членка на ЕУ која имала забелешки за документот, пред се поради тоа што бил на македонскиот јазик. Притоа во рекацијата Бугарија никаде не го именува јазикот како македонски, туку реферира на него како на јазик достапан за граѓаните и институциите во земјава.

Во соопштение на бугарското МНР се наведува дека јазикот на кој ќе биде напишан документот е внатрешно прашање на Македонија.

„Прашањето на кој јазик треба да биде План за правата на заедниците кој се очекува од Северна Македонија е внатрешно прашање на соседната земја и не е тема на билатералните односи. Документот ќе се спроведува токму од нејзините институции, кон сопствените граѓани, и логично е дека треба да биде на јазик достапен за нив. Избор на Скопјe да им го претстави нацртот на овој план на своите граѓани на англиски јазик би било тешко да се објасни, особено ако се планира Планот да биде вистински применет“, се наведува во реакцијата на бугарското МНР.

Софија притоа го обвини Скопје дека постојано настапува со тези кои суштински се разликуваат од европскиот консензус постигнат во 2022 година, потсетувајќи дека Акцискиот план за малцинствата е чекор кој ќе следи по вклучувањето на Бугарите во уставот, по што Македонија ќе може да ги отпочне пристапните преговори.

„Во исто време, ги поздравуваме зборовите на премиерот, Христијан Мицкоски, дека ќе ги ‘прифати сите други коментари’ на бугарската заедница во Планот и сметаме на него да го одржи ветување кое им го даде“, стои во соопштението на МНР на Бугарија.

На соопштението на бугарското реагираше македонското МНР кое изразува загриженост за неосновани коментари за Документот од страна на Бугарија, со барање таа да се однесува европски.

„Загрижува фактот што, наместо да биде поздравен како конструктивен чекор напред, документот е предмет на апстрактни и неосновани коментари од страна на Бугарија, што не придонесува за градење доверба и добра верба меѓу двете држави. Наместо неаргументирани коментари, од нашиот сосед очекуваме европско однесување, меѓу другото и по однос на целосната почит и признавање на македонскиот јазик“, стои во соопштението на македонското министерство за надворешни работи.

Притоа од макеоднското МНР информираат дека предлог-акцискиот план за правата на припадниците на заедниците е изработен на македонски и на англиски јазик од домашни и меѓународни експерти, во блиска консултација со Совет на Европа и Европската комисија.

„Документот содржи јасно дефинирани мерки, рокови и надлежни институции и е целосно усогласен со највисоките европски стандарди“, се наведува во реакцијата на македонското МНР.

Подготвувањето на Акцискиот план за заштита и унапредување на правата за припадниците на заедниците започна во 2023 година, а беше финализиран во последните шест месеци од 2025 година. Без документот да биде прифатен од сите земји-членки Македонија нема да може да го отвори првиот калстер од преговорите.

Тамара Грнчаровска

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Николоски оптимист дека ќе се избегнува статусот „загрозено подрачје“ за Охрид, автопатот ќе се гради

Дејан Дејан

Приведени двајца во Кисела Вода – во нивниот дом е пронајдена дрога, вага и пари

Дејан Дејан

Имате јавен профил на Инстаграм? Внимавајте сега фотографии може да завршат во вештачка интелигенција без воопшто да знаете

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе