Николас Мадуро со папучи на нозете, лисици на рацете и во придружба на агенти на американска агенција за борба против дрога (ДЕА). Снимките ги објави Белата куќа, откако уапсениот претседател на Венецуела, со хеликоптер преку Куба, беше префрлен во Њујорк, а потоа сместен во притворски центар во Бруклин. Веќе утре е најавено негово изведување пред американскиот федерален суд, каде се соочува со обвинение за трговија со дрога и оружје. Мадуро претходно ги отфрли обвинувањата дека е водач на наркокартел.
По акцијата на САД се огласи потпретседателката на Венецуела, Делси Родригез која преку државната телевизија порача дека единствен претседател на земјата е Николас Мадуро и побара негово ослободување. Нагласи дека владата е подготвена за одбрана на Венецуела и нејзините природни ресурси, откако Трамп најави дека САД привремено ќе раководат со земјата до нејзина мирна транзиција.
„Цела Венецуела е активирана, а декретот е веќе е потпишан од претседателот Мадуро, единствениот претседател на Венецуела. Во оваа земја има само еден претседател, Николас Мадуро Моро и декретот е потпишан“, порача Делси Родригез, потпретседателка на Венецуела.
Венецуела влегува во неизвесност по апсењето на Мадуро. Луѓето во паника се упатија кон маркетите, аптеките и бензинските пумпи во обид да набават дел од најосновните потреби за периодот што следува.
„Пазарувам што повеќе или помалку ми требаше. Малку повеќе за секој случај, во случај да има недостиг или биде тешко да се набави храна. Па купив малку повеќе, отколку што обично купувам. Секако, немам доволно пари за да купам премногу, но малку повеќе од вообичаено“, вели Мигел Перналете, продавач.
Апсењето на Мадуро го подели светот. Дел од светските лидери го поздравија потегот на САД. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху беше меѓу првите кои му честитаа на Трамп за решителната акција во Каракас.
„Во врска со Венецуела, сакам да ја изразам поддршката од целата влада за решителната одлука и решителната акција на САД за враќање на слободата и правдата и во овој регион од светот. Морам да кажам дека генерално во Латинска Америка во моментов постои трансформација што ја гледаме и многу земји се враќаат кон американската оска“, порача Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Акцијата на САД извади илјадници луѓе на улица, како во Венецуела, така и венецуелски мигранти во многу градови во САД. Во Каракас протест за поддршка на Мадуро, на кој беше запалено и американското знаме, во многу градови низ САД игра и песна по веста за апсењето на првиот човек на Венецуела.
„Венецуелскиот народ се крева и негодува поради бомбардирањето на нашата татковина кое влијае на нашиот народ и на нашата земја, а за да биде уште полошо, тие го киднапираа нашиот претседател. Народот ќе излезе на улиците да се спротивстави, барајќи да ни го вратат Николас“, рече Тамалис Ернандез, поддржувачка на владата во Каракас.
„Тоа е комбинација од чувства. Има страв, има возбуда. Толку многу години чекавме на ова. Нешто мораше да се случи во Венецуела. На сите ни треба слободата“, смета Алехандра Ариета, Венецуелка од Јужна Флорида.
Русија и Кина, традиционални сојузници на Венецуела, го осудија потегот на САД и побараа итно ослободување на Мадуро. Со реакција се огласи и демократската Камала Харис која на Икс напиша дека акција на САД во Каракас била нелегална и оти, според неа, не станува збор ниту за дрога, ниту за демократија, туку за нафта.
Сашко Димовски
