Иако инспектор за животна средина од Општина Аеродром изрекол забрана за вршење на дејност на угостителскиот објект „Јужна пруга“, оттаму велат дека тие работат законски и новогодишните забави ќе се одржат. Сепак, институциите имаат друг став. Забраната за вршење дејност ја изрекол инспектор за животна средина од Општина Аеродром, а решението било јавно истакнато на влезната врата од локалот. Наместо да ја почитува мерката, сопственикот го отстранил службеното известување и продолжил со работа.
При контрола, инспекторите утврдиле дека објектот е отворен и дека во него има гости, иако важи забраната. Поради ваквото постапување, случајот бил пријавен до Обвинителството кое поведе постапка за кривично дело „Симнување и оштетување на службен печат“.
„Со тоа што продолжил да врши угостителска дејност, иако не исполнувал услови за тоа, осомничениот манифестирал непочитување на службените акти, нарушувајќи службена функција на издадениот акт – Решение и попречувајќи го нормалното функционирање на државните и јавните институции. Бидејќи со симнувањето на службениот знак постои основано сомнение дека е исполнето битието на кривично дело, јавниот обвинител побара од Судот да определи и мерка на претпазливост додека трае кривичната постапка, односно да изрече забрана осомничениот да врши дејност – давање угостителски услуги и во целост да го спроведе Решението на надлежните инспекциски служби“, соопштија од Обвинителство.
Од Општина Аеродром информираат дека тие ја завршиле својата постапка и дека натамошните чекори се во надлежност на Обвинителството.
Сепак, оние граѓани кои уплатитле новогодишна прослава таму, во текот на денот беа информирани дека забавитите нема да се откажат.
Тамара Марковска
