Недоволно полнење на државната каса, намалување на дефицитот за оваа година и префрлање во наредната со надеж дека ќе биде подобро, дисциплинирање на раководителите на институциите или растоварување на службениците кои не можат да постигнат да ги обработат сите налози… Ова според неколкумина економисти со кои разговаравме се можните причини за затворањето на трезорот за буџетски плаќања в понеделник на 15 декември, порано од вообичаеното. Според упатените, во претходните години налози во трезорот се примале до неколку работни дена пред Нова година.
Од неколку институции за Телма потврдија дека им било наложено да ги завршат сите плаќања до 15 декември и оти тогаш ќе им бидат повлечени неискористените пари од буџетот назад во државната каса. Премиерот Христијан Мицкоски рече дека тоа се прави за да има време да се обработат налозите до крајот на годината.
Економскиот аналитичар Александар Талимџиоски вели дека е факт дека во последните две недели во секоја буџетска година има многу повеќе налози од вообичаеното, па на службениците во Министерството им е тешко да ги обработат. Тој вели дека исто така е факт дека во буџетот не се прибираат пари според планираното, но дефицитот не расте, затоа што жртва на тоа се капиталните инвестиции.
„На сајтот на Министерството за финансии, заклучно со 11 декември, којшто е 345 ден во годината, значи дека од 365 дена изминале 94,5 проценти од целиот период, реализацијата на приходите е 86,32 отсто, и расходите се на ниво 86,75 проценти. И нормално, како и секоја година, реализацијата на капиталните расходи е би рекол катастрофална, со реализација нешто под 56 проценти“, вели Александар Талимџиоски.
Според него, слабата реализација и штедењето на капитални инвестиции е голем проблем за држава како Македонија.
Вработените во администрацијата веќе изразија загриженост за платите и за исплатата на К-15. Платите според закон се исплаќаат до 15 во месецот, но загриженоста најмногу е во институциите каде што се доцни. Во владата, пак, постојано уверуваат дека пари во државната каса има, буџетот е ликвиден. Премиерот Мицкоски рече дека затворањето се прави за да има време да се обработат налозите и да се платат навреме. Сепак, најави одредена толеранција.
Срѓан Стојанчов
