Русија би можела да нападне земја членка на НАТО во наредните пет години, оцени шефот на северноатлантската алијанса денеска, во најновото остро предупредување.
„Русија веќе ја ескалира својата прикриена кампања против нашите општества. Мораме да бидеме подготвени за големина на војна која нашите дедовци или прадедовци ја издржиле претходно.“ – подвлече Марк Руте во својот говор во Германија.
Руте всушност повтори анализи за наводните руски планови кои претходно ги искажуваа западни разузнавачки агенции, кои досега официјална Москва ги отфрлаше како хистерија.
Острите коментари на генералниот секретар на НАТО доаѓаат додека американскиот претседател, Доналд Трамп, се обидува да ја заврши руската инвазија на Украина, која започна во февруари 2022-та година.
Претходно, рускиот претседател Владимир Путин, изјави дека Русија не планира да води војна со Европа, но и додаде дека неговата држава е подготвена веднаш тоа да го направи, доколку Европа сака да започне војна со Русија.
Но, слични уверувања Москва даде и во 2022-та година, непосредно пред 200 000 руски војници да ја преминат границата и да извршат инвазија врз Украина.
Путин и другите руски претставници ги обвинуваат европските држави дека ги попречуваат обидите на САД да ја завршат војната во Украина, критикувајќи ги промените во првичниот мировен план на Трамп, кој се сметаше дека е целосно во корист на Русија.
Н.И
