Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, утрово добил смс-порака за сторен сообраќаен прекршок, регистриран од системот „Безбеден град“, додека со своето приватно возило се движел кон Кавадарци, каде денеска се одржува партискиот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ. Како што објави на Фејсбук, системот регистрирал движење со брзина што ја надминала дозволената за само 1 километар на час.
„Ова е најдобрата илустрација за тоа како треба да функционира државата. Системот важи и постапува еднакво кон сите и ако регистрира прекршок, санкцијата следи, без оглед кој е во возилото. Нема исклучоци, нема селективност, нема привилегирани“, порача Тошковски.

Целта на „Безбеден град“, според него, не е механизам за казнување, туку систем за воведување ред, дисциплина и спречување трагедии.

„Со алармантниот број жртви на патиштата што го имаме, мора да покажеме лична одговорност. Државата ќе биде посигурна само ако законите важат подеднакво за сите – вклучувајќи нè и нас, кои сме најодговорни за нивното спроведување“, истакна министерот.
С.Д.
