Сопственикот на дискотеката „Пулс“, Дејан Јованов со солзи во очите говореше за време на денешното рочиште за трагичниот пожар кој однесе 63 човечки животи, а кај околу 200 предизвика сериозни повреди и трауми. Изрази неверување за настанот во клубот и рече дека секојдневно ја проживува трагичната ноќ. Колку се грижел за безбедноста во „Пулс“ и на гостите рече дека „најдобро знаат сите кои добро го познаваат“.
„До ден денеска се чудам и сè уште не можам да поверувам што се случи таа вечер. Цели четири месеци сум затворен во четири ѕида, секојдневно ја проживувам таа трагична ноќ. Не можам да поверувам што се случи. Јас како човек и како родител, каде што се собираат сите млади и моите деца, зарем би бил способен да дозволам да фали нешто. Зарем сериозно мислите, доколку би знаел дека фали нешто, не би презел се за да се отстрани навреме. Сите на тоа место, во тој клуб имаат пораснато десетини генерации, сите што ме познаваат добро, знаат колку и како се грижев за безбедноста на сите гости во клубот“, рече Јованов.
Тој изрази сочувство до сите семејства за загубите, а на повредените им посака опоравување. Она што му е нејасно, рече тој, зошто е обвинет неговиот син Михаил.
„Ја знам нивната болка и тага, затоа што и ние во нашата фамилија имаме починато член и повреден член и ја носиме истата болка како што и вие ја носите. И уште едно не ми е јасно, зошто Михаил е обвинет, бидејќи тој немаше никакви обврски и активности, ниту пак допирни точки со работата на клубот. Тој си имаше негова фирма за дистрибуција, си ги работеше неговите работни обврски во неговата фирма и си беше нормален гостин како сите“, додаде Јованов и се заблагодари на судијката Диана Груевска Илиевска што му даде можност да се обрати пред присутните во судницата во „Идризово“.
С.Д.
(Видео) Сите обвинети за „Пулс“ се изјаснија невини, дел од нив изразија сочувство до семејствата
