Вести Македонија Топ вести

Пензионерите кои бараат линеарно покачување на протест пред Уставен

Protest na penzioneri pred Ustaven sud za linearno zgolemuvanje penzii

Стотина пензионери излегоа на протест пред Уставниот суд со барање да продолжи линеарното зголемување на пензиите. Нивниот протест доаѓа откако Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста на линеарното, наместо процентуално покачување на пензиите. Гневот на пензионерите е насочен кон уставната судијка Добрила Кацарска, која беше судија – известител во иницијативата за оценување на уставноста. Уставен уште претходно реагираше против притисоците врз судиите.

Според законот, пензиите се усогласуваат двапати годишно – во март и во септември. Процентот на зголемување на пензиите зависи од покачувањето на трошоците за живот и од покачувањето на просечната плата.

Уставниот ќе испитува дали линеарното покачување предизвикува дискриминација, затоа што била различна основицата по која се уплаќале придонеси, некој работел и уплаќал 40 години, а некој само 15, а ќе добијат исто покачување.

Пензионерите кои бараат линеарно зголемување на пензиите прашуваат дали е фер тие со најголеми пензии да добијат најголемо покачување, а тие со најмали да не можат да преживеат. Велат дека не е нивна вина што фирмите не им плаќале придонеси.

„Нашата борба денес не е само за оваа група пензионери, туку и за идните генерации пензионери да бидат со чест и достоинство. Да не се случи утре корка леб да немаат да јадат, лековите да не можат да си ги купат. Тоа не е ли срамота“, вели Зоран Трајков од иницијативниот одбор за барање линеарно зголемување на пензиите.

„Пензионерите бараат социјална правда. Зошто? Повеќето се со ниски пензии затоа што биле технолошки вишок, стечајни работници, платени со минимално четиричасовно работно време, платени со минимална плата. Затоа Уставниот суд да го разгледа став 8 каде што се опфатени темелните вредности“, вели пензионерот Крсте Митов.

Партијата на пензионерите излезе со соопштение во кое го оценува линеарното покачување на пензиите како дискриминирачко. За да им се помогне на пензионерите со најниски пензии, тие бараат донесување на Закон за минимална пензија, со кој минималната пензија ќе биде најмалку 70 отсто од минималната плата. Дополнително, за најсиромашните пензионери бараат паричен додаток од буџетот.

Владата три пати носи закон со кој сите пензионери добиваат линеарно покачување – во септември 2024 и во март 2025 по 2500 денари, и во септември годинава по 1000 денари за сите пензионери. Токму последното покачување е оспорено и Уставниот суд за него допрва ќе одлучува. За претходните покачувања нема да се одлучува со оглед на тоа што законските измени беа од времен карактер и веќе не важат.

Пензионерите што протестираат најавија дека освен линеарното усогласување на пензиите ќе бараат и К-15, покачување на посмртнината, како и воведување на пензионерска картичка. Порачаа доколку денешниот не вроди со плод, од 10-ти декември ќе продолжат да протестираат пред Делегацијата на ЕУ во Скопје. Протестите почнаа во саботата во Штип.

Зголемувањето на пензиите и состојбата во пензискиот фонд ја разгоре и политичката дебата во земјава, а ја заостри и реториката меѓу премиерот Мицкоски и Уставниот суд.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Кривична пријава за даночно затајување за производител на кабли

Дејан Дејан

(видео)Манасиевски: Политичкиот театар на СДС, Левица и ДУИ не поминува

Дејан Дејан

(видео)Кривична за 18-годишна девојка и две малолетнички за насилството врз девојче во Куманово

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе