Пензионерите кои бараат линеарно зголемување на пензиите денеска протестираат пред Уставниот суд. Нивниот протест доаѓа откако Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста на линеарното покачување на пензиите, односно сите пензионери да добиваат по иста сума, наместо покачувањето да биде процентуално.
Пензионерите што бараат линеарно покачување велат дека тоа е праведно, зашто со процентуално тие со најголеми пензии ќе добијат најмногу, а тие со најмали едвај преживуваат.
Најавија дека освен линеарното усогласување на пензиите ќе бараат и К-15, покачување на посмртнината, како и воведување на пензионерска картичка. Порачаа доколку денешниот не вроди со плод, од 10-ти декември ќе продолжат да протестираат пред Делегацијата на ЕУ во Скопје.
Партијата на пензионери го истакнува правото на пензија како темелно и неотуѓиво право стекнато со долгогодишен труд. Тие предупредуваат дека сегашниот систем на линеарно усогласување на пензиите може да биде дискриминирачки и да создаде долгорочни проблеми за пензискиот систем.
Како решение, Партијата предлага донесување на Закон за минимална пензија, со кој минималната пензија ќе изнесува најмалку 70% од минималната плата, а просечната до 60% од просечната плата.
Дополнително, се предлага паричен додаток за пензионери кои немаат други приходи, за покривање на трошоци за енергија, годишен одмор и новогодишни пакети.
Партијата нагласува дека со овој пристап се зачувуваат стекнатите права, се штити генерациската солидарност и се избегнува фаворизирање на оние кои манипулирале со придонесите. Краткорочните бенефити, предупредуваат, можат да предизвикаат долгорочни проблеми за сегашните и идните генерации пензионери.
T.Д.
