Од Министерството за финансии досега не одговориле на барањето за исплата на додаток за ризик и други додатоци на вработените во службите на Народниот правобранител, дознава Телма.
За службениците во Народниот правобранител биле барани исплати на два додатоци за плата бидејќи во буџетот на институцијата останале средства и согласно Колективниот договор тие со дозвола од Министерството за финансии се користат за исплата на додатоците.
Додатоците се исплаќаат за ризик и за други активности на службениците кои одат на надзорни посети во затвори, психијатриски болници и други уставнови за да ги проверат условите во кои се сместени лицата во тие установи и дали им се почитуваат основните човекови права. Покрај тоа што нема дозвола да се исплатат додатоците, Народниот правобранител се соочува и со за една третина намалени средства од потребните во буџетот за 2025-та година.
Иако Омбудсманот барал 154 милиони денари односно околу 2,5 милиони евра, во Буџетот за догодина им се одобрени помалку од 100 милиони денари односно околу 1,62 милиони евра. За догодина не се предвидени ниту платите на замениците на народниот правобранител кои треба да бидат избрани во институцијата.
Најголемиот проблем е што од јули, Македонија нема народен правобранител и институцијата која е задолжена да ги штити правата на граѓаните од државни прекршувања, е раководена од заменик. Комисијата за избори и именувања го предложи Фатон Сељами за нов правобранител, но поради недоволни гласови по Бадинтер, Собранието се уште го нема гласано бидејќи досега немаше поддршка за избор.
Миомир Серафиновиќ
