Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) денеска контра тврдењата на Муамед Реџеповски и неговиот бранител Емил Недков и, како што се вели во писменото соопштение, категорично ги отфрла како невистинити наводите објавени во прилогот „Штипјанец гони полицајци дека неоправдано го претепале при рутинска контрола на возилото“.
„Оштетениот Муамед Реџеповски кривичната пријава до ОЈО ГОКК ја достави на 13.10.2023 година и, по преземени дејствија од страна на предметен обвинител, истиот е сослушан во ОЈО ГОКК на 28.03.2024 година. При давање на исказот, оштетениот не посочил очевидци на настанот, ниту пак знаел да ги опише сторителите, па обвинителот продолжи со преземање соодветни предистражни дејствија за откривање на сторителите“, се вели во соопштението на ОЈО ГОКК.
Тврдењата дека Народниот правобранител добил одговор од обвинителството дека предметот „е во застој поради одмор на обвинителите“ или дека „не се знае каде се наоѓа предметот“, се невистинити. Обвинителството, како сериозна институција, никогаш не дало одговори како наведените за кој било предмет, се вели во писмената реакција од ОЈО ГОКК.
Дополнително, информираме дека на 01.08.2023 до ОЈО Штип од МВР е доставена кривична пријава против оштетениот за напад на службено лице при вршење службени дејствија, за која во прилогот воопшто не станува збор, додаваат од ОЈО ГОКК.
