Вести Македонија Најважни

Одобрено обвинението за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ во којшто загинаа 62 млади луѓе, а над 200 беа повредени

Одобрено е обвинението за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ во кој загинаа 62 луѓе, а над 200 беа повредени. Од скопскиот Кривичниот суд кој ја презема надлежност од кочанскиот суд соопштија дека биле ангажирани сите расположливи ресурси за навремено и законито постапување, за да не се создадат непотребни пропусти кои би ја компромитирале постапката. Оттаму уште еднаш потенцираат дека судот се соочувал со потешкотии во доставата на обвинението до обвинетите и нивните бранители. Дополнителен проблем било и тоа што во првично поднесеното обвинение кочанскиот суд целосно не ги навел личните податоци на обвинетите, како и адресите каде се издржува куќниот притвор.

 „Но, и покрај сето тоа, судот во целост ја имаше предвид сензибилноста на постапката, јавниот интерес и пред сè чувствителноста на над 250 оштетени лица и семејства на починатите во пожарот. Токму поради тоа, се обиде на најефикасен начин да ги исполни сите законски обврски и да го оцени актот во предвидениот законски рок“, соопштија од Кривичниот суд.

За пожарот кој се случи на 16 март годинава на концерт на групата ДНК обвинети се 34 луѓе и три фирми. Се гонат за тешки дела против општата сигурност.

На обвинителна клупа ќе седна газдата на Пулс, Дејан Јованов Деко, како и неговиот син Михајло, неговиот брат Тодор, но и Митко Стојанов, директорот на фирмата ММММ Кафе на чие име била едната лиценца на дискотеката. Сопственикот на објектот, Гроздан Милковски, кој го дал под закуп објектот. Милка Едровска од „Венци проект“, која го изготвила проектот, иако знаела дека објектот не може да биде дискотека. Двајцата поранешни министри за економија, Крешник Бектеши и Ваљон Сарачини, екс државната секретарка, Размена Чекиќ-Дуровиќ, и петмина службеници кои издале лиценци за „Пулс“, иако не ги задоволувала минималните-техничките услови.

Поранешните кочански градоначалници Ратко Димитровски, Николчо Илијев и Љупчо Папазов и тројца инспектори од општината кои требало да знаат дека дискотеката работи незаконски. Ексдиректорите на ДЗС, Шабан Салиу, Аднан Џаферовски, Беким Максути, Џеват Селами заедно со инспектор од оваа институција.  Четворица службеници од Државниот пазарен инспекторат, бидејќи не изрекле забрана за вршење на дејност. Директорот на Рубикон, Јане Јанчевски и четворица вработени, бидејќи агенцијата ја обезбедувала дискотетката вечерта кога изби пожарот.

До адресата на Кривичниот суд обвинението стигна на почетокот на јули, а е одобрено по речиси три месеци, подолго од времетраењето на истрагата. Неколку судии се изземени од оценката на обвинението и постапувањето бидејќи или нивни блиски се бранители на обвинетите или се во роднинска врска со жртвите. Предметот согласно АКМИС системот е распределен кај судијата Диана Груевска Илиевска од одделот Кривично полнолетни. Дали ќе прифати да ја дели правдата во случајот или ќе бара изземање ќе се знае од понеделник.

Минатиот месец обвинение беше поднесено и за вистинскиот сопственик на Рубикон, Александар Нацев, а откако ќе биде одобрено се очекува да се спои со овој предмет. Уште трае истрагата и за постапувањето на полициските службеници, бидјеќи на неа работи само еден обвинител.

Пожарот на 16 март во Пулс настана од употребата на пиротехниката, која била набавена нелегално и не била пријавена нејзината употреба на кобната вечер која однесе во најголем дел млади животи и го зацрни Кочани.

Марија Митевска

Б.С.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

45-ти Марш на ангелите во Кочани – Правдата да не остане без крај а вистината да не остане без глас

Дејан Дејан

Уапсен 43-годишен жител на Шишево – пукал со огнено оружје кон соселанец и го погодил во увото

Дејан Дејан

Општина тетово и даде помош од 18.000 евра на ИВЗ

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе