Обвинение и за Александар Нацев, реалниот сопственик на агенцијата за обезбедување Рубикон за пожарот во кочанската дискотека Пулс по шест месеци од трагедијата. Нацев се гони за тешки дела против општата сигурност, бидејќи од септември 2022 година до денот на пожарот заедно со веќе обвинетиот директор на агенцијата немале склучено писмен договор за обезбедување на дискотеката и не воделе грижа, контрола и надзор на нивните обезбедувачи. Во Пулс на денот на пожарот имало имало четворица обезбедувачи од Рубикон. Тројца имале лиценца, но еден бил обезбедувач без потребниот документ. Тие според обвинителството, не направиле проверка на објектот. Дали дискотеката е безбедна за посетители и за евакуација во случај на опасност, ни дали влезовите и излезите се исправни доколку дискотеката е преполна. Рубикон немала изготвено, ни доставено план за обезбедување при одржување на концертот и не анагажирала повеќе обезбедувачи иако тоа било потребно. Се пропуштале и малолентици кои биле во објектот и по полноќ, а не го спречиле внесот и користењето на пиротехнички средства со кои бил предизвикан пожарот.
„Од доказите обезбедени во текот на истрагата произлезе дека сега обвинетиот имал главна улога во обвинетото правното лице, фактички раководел со агенцијата и давал директни инструкции на обвинетите кои критичната вечер биле ангажирани како обезбедувачи“, соопштија од обвинителството.
Нацев, според обвинителството, формирал и нова фирма во Струмица за обезбедување, во која исто така криел дека е сопственик.
„Исто така, обезбедени се докази дека по пожарот во Кочани тој презел активности во насока на формирање ново правно лице со седиште во Струмица, чија основна дејност му е исто така физичко обезбедување на имот и лица, а со цел да ја продолжи дејноста повторно затскривајќи се формално-правно во раководењето зад друго одговорно лице“, се наведува во соопштението на ЈОРСМ.
Единствената фирма во Струмица која е основана после пожарот во Пулс на 7 април годинава и има иста дејност како Рубикон е фирмата Дефендер Солушн. Нејзин сопственик и управител е Димитар Мицевски.
Инаку Нацев е и универзитетски професор, а претходно беше и активен член на ВМРО-ДПМНЕ и додека партијата беше во опозиција имаше прес конференции поврзани со безбедносни теми. На Рубикон и откако и беше одземена лиценцата на 15-ти мај продолжила да наплаќа сметки од средни училишта во Скопје на чии тендери победила за да ги обезбедува.
Во пожарот кој настана поради употребата на пиротехничките средства на концертот на групата ДНК на 16 март годинава загинаа 62 лица, а повредени беа 222 лица.
Марија Митевска
