Граѓанин денеска доби опомена од полициски службеници, бидејќи мина на пешачки премин додека зборуваше на мобилен телефон. Вели запознат е дека на сила се нови измени во сообраќајот, но не ги разбрал доволно.
„Ги знаев ама сега му кажав на полицаецот мислев дека мобилен на пешачки каде што нема семафор. Беше зелено, јас зборував и поминав на зелено. Тука беше недоразбирањето. Тоа е тоа. Инаку сум запознаен“, рече тој.
Телма направи обиколка на терен и забележавме голем дел граѓани кои ги почитуваа новите сообраќајни правила.
„Ќе ги практикуваме, нема друго што. Инаку нека внимаваат сите тоа што го прават“, вели скопјанка.
Изминатиот викенд полициски службеници во градот Скопје изрекле 58 опомени за граѓаните кои не ги почитувале правилата. Со казни велат ќе почнат кога граѓаните ќе бидат запознати со новите измени во законот.
„Пешакот е должен кога се движи по коловоз или кога преминува преку коловозот и велосипедската патека или лента да се движи и преминува внимателно, без притоа да користи електронски уреди, како што се слушалки во двете уши, мобилен телефон, таблет, смарт часовник или друг вид електронски уред со кој би му се намалило вниманието. Возачот на велосипед, велосипед со помошен мотор, мопед, мотоцикл, трицикл и за време на управувањето со возилото не смее да се користи електронски уреди со кои би му се намалила можноста за реагирање и сигурно управување со возилото. Возачот на електричен тротинет за време на управувањето со возилото не смее да користи електронски уреди со кои би му се намалила можноста за реагирање и сигурно управување со возилото“, информираат од МВР.
Дел од експертите сметаат дека овие законски измени ќе помогнат во дополнителна заштита на пешаците, по големиот број на жртви во сообраќајот.
„За жал многу пешаци особено помладите и повозрасните. Не страдаат тука луѓето во работна доба туку страдаат децата и пензионерите најмногу. Мора да ги заштитиме дополнително. И ако таа заштита оди преку забрана за користење на електронските уреди додека поминуваме пешачки премин или додека на друг начин учествуваме во сообраќајот во оној ризичен дел, тогаш очекувам дека таквата мерка доколку се спроведува секојдневно ќе даде резултати. Доколку е само напишано слово на хартија нема да даде резултати, меѓутоа заштитата е обврска на сите нас и од тоа нема бегање. Ако малата казна не може да помогне, големата сигурно ќе помогне“, изјави професор Никола Дујовски од Факултетот за безбедност.
Новите сообраќајни правила почнаа да важат од петокот. Казната за преминување пешачки премин со телефон во рака или на уво изнесува 40 евра. За возење тротинет или мотор со користење електронски уред, глобата е 50 евра.
Симона Петровска
