Поранешниот француски претседател Никола Саркози (70) е прогласен за виновен за злосторничко здружување во случајот поврзан со наводно примање на милиони евра незаконски средства од покојниот либиски лидер, Моамер Гадафи и осуден на пет години затвор, пренесува „Би-Би-Си“.
Казнениот суд во Париз истовремено го ослободи од сите останати обвиненија, вклучително и оние за пасивна корупција и незаконско финансирање на кампања.
Саркози, кој тврди дека целиот случај е политички мотивиран, беше обвинет дека со пари од Гадафи ја финансирал својата победничка изборна кампања во 2007 година. Обвинителството тврдеше дека Саркози за возврат му ветил помош на Гадафи да ја подобри својата репутација во западните земји. Функцијата претседател на Франција ја извршуваше од 2007 до 2012 година.
Затворската казна од пет години значи дека Саркози ќе мора да помине одредено време зад решетки, дури и во случај на успешна жалба, а наредено му беше да плати и парична казна од 100.000 евра.
