Вести Свет Топ вести

Демонстрантите во Непал ги запалија владините згради по забраната за социјални мрежи

Демонстрантите во Непал во вторникот ги запалија владините згради и резиденциите на врвните политички лидери, додека протестите против краткотрајната забрана на социјалните медиуми прераснаа во масовни и насилни немири.

Синга Дарбар, седиштето на непалската влада е во пламен, додека толпи луѓе танцуваа и пееја на улиците околу комплексот. Десетици илјади демонстранти останаа на улиците до доцна во денот, блокирајќи патишта, упаѓајќи во институции и палејќи ги, а во некои случаи и напаѓајќи политички лидери. Воени хеликоптери евакуираа дел од министрите на безбедни локации.

Еден ден претходно, демонстрации предводени од млади луѓе – гневни поради блокирањето на неколку социјални медиуми – го зафатија главниот град Катманду. Полицијата тогаш отвори оган врз толпата и уби 19 лица, што дополнително ја разгневи јавноста.

Иако забраната беше укината во вторник, протестите продолжија, поттикнати од гневот поради смртните случаи, како и од растечката фрустрација кон политичката елита на хималајската земја, заглавена меѓу Кина и Индија.

Со зголемувањето на тензиите, премиерот Кадга Прасад Оли објави дека поднесува оставка. Претседателот ја прифати неговата одлука и го назначи да ја води привремената влада сè додека не се формира нова – иако не е јасно какви овластувања ќе има или дури каде ќе биде сместен.

Оставката сепак не ги смири демонстрантите. Илјадници луѓе останаа на улиците, продолжувајќи со блокади и насилни акции против институциите. Армијата издаде соопштение во кое повика на смиреност и политички дијалог, без да даде дополнителни детали.

Протестите, наречени „генерациски бунт на Gen Z“, ги предводат главно тинејџери и млади возрасни. Тие претставуваат реакција на владините обиди за регулирање на интернетот преку нов закон, со кој од социјалните мрежи се бара да се регистрираат и да се придржуваат до локални прописи. Критичарите предупредуваат дека таквите мерки претставуваат алатка за цензура и ограничување на слободата на изразување.

Во исто време, протестите ја открија и подлабоката недоверба кон политичарите, обвинети за корупција, непотизам и оддалеченост од реалните проблеми на граѓаните.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Малолетни сведоци: Видовме полицајци во „Пулс“

Kristina Kuzmanovski

(Видео) Украина погоди 116 руски бродови за девет дена, соборија и руски хеликоптер Ми-28

Kristina Kuzmanovski

Пресудата за Груевски е резултат на измените на КЗ што ги донесоа СДСМ и ДУИ поради кои имаше многу политички амнестии, а многу и ќе следат, рече Мицкоски

Sonja Petrusevska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе