Кинеското Министерство за надворешни работи денеска потврди дека севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун ќе оствари средба со кинескиот претседател Си Џинпинг за време на неговата посета на Пекинг.
Портпаролот на министерството, Гуо Џијакун, изјави дека двајцата лидери ќе разговараат за билатералните односи меѓу Кина и Северна Кореја, при што додаде дека средбата има „големо значење“.
Ким вчера присуствуваше на големата воена парада во Пекинг заедно со други светски лидери, меѓу кои и рускиот претседател Владимир Путин, што претставува ретка посета на странство за севернокорејскиот лидер.
„Кина е подготвена да работи со ДПРК (Демократска Народна Република Кореја) за зајакнување на стратешката комуникација, унапредување на соработката и споделување на искуствата од владеењето, со цел понатамошен развој на социјалистичката кауза и традиционалното пријателство меѓу двете земји“, изјави Гуо.
