Украина нема шанси да се придружи на Европската Унија (ЕУ) додека не го признае масакрот во Волин како геноцид, порача потпретседателот на владата на Полска, Владислав Косињак-Камиш.
„Ако Украина не се помири дека се случи геноцид, ако нема ексхумација или комеморација, ќе нема шанси да се придружи на Европската Унија“, наведе Косињак-Камиш, кој притоа нагласи дека одбивање на поддршка за Украина во војната со Русија би било спротивно на интересите на полската држава.
Припадниците на украинската бунтовничка армија масакрираа десетици илјади Полјаци во Волин во Полска, регион кој сега е дел од западна Украина. Илјадници Украинци се убиени во знак на одмазда. Украинскиот историчар Серхеј Плохи, раководител на украинскиот истражувачки институт при универзитетот Харвард, проценува дека бројот на полски жртви во масакрот се движи меѓу 60.000 и 90.000.
Бројот на Украинци кои ги убиле Полјаците во 1940 година, пак, е меѓу 10.000 и 20.000, вклучително меѓу 2.000 и 3.000 во Волин, според проценките на полскиот историчар, Гжегож Мотика.
Масакрот во Волин долго време беше Ахилова пета во односите меѓу Полска и Украина. Половина од Полјаците сметаат дека Украина не би требала да се придружи во НАТО или во Европската Унија додека не се реши прашањето за ексхумација на жртвите во масакрот во Волин, покажува анкетата што беше објавена на 30 јануари.
Новиот претседател на Полска, Карол Навроцки во јули го повика неговиот украински колега, Володимир Зеленски да дозволи целосна ексхумација на полските жртви во масакрот во Волин. Навроцки во понеделник стави вето на закон со кој би се проширила финансиската поддршка за украинските бегалци. Предложи и бенефиции само за оние Украинци кои се вработени во Полска, продолжување на потребниот период за добивање на полско државјанство, построги казни за илегалните мигранти и израмнување на украинските националистички симболи со нацистичките и комунистички симболи.
