Поранешната обвинителка Ленче Ристоска остро реагира по ослободителната пресуда за Никола Груевски во случајот „Талир 2“, оценувајќи дека со ваквиот тек на постапката се отежнува можноста за конфискација на имотот. Таа тврди дека доказите останале исти како и при првата осудителна пресуда и изразува сомнеж дека предметот ѝ бил одземен за да се избегне посакуваниот исход.
Ристоска очекува Обвинителството да поднесе жалба на пресудата.
„Ваквата контекстуална состојба, пресуда, спротивна на првичната, дел од обвинението кој не е адресиран во јавното соопштение на судот, временскиот интервал во кој се носи одлуката и времето кога истекува рокот на застареност, ме наведуваат на заклучок дека единствена цел на ваквото постапување е отежнување на понатамошната постапка за конфискација на имотот. Затоа и мислам дека осудата на Груевски во овој случај е од секундарен интерес за ВМРО-ДПМНЕ, кривичниот прогон така или онака ќе застареше. Она што е суштинско е дека имотот што го стекна партијата е директна последица на дејствијата на Груевски утврдени во постапката. Токму поради тоа, исходот на кривичниот дел и судбината на имотот не можат да се гледаат одвоено: со ослободителна пресуда отпаѓа и основата за конфискација во кривичната постапка. Наративот дека пресудата во едниот дел е праведна, а во другиот само последица на измените на КЗ, ги раздвојува двете работи што правно се неразделни“, напиша Ристоска на социјалните мрежи.
