СВР Скопје поднесе кривична пријава против поранешните генерални директори на АД „Пошти на Северна Македонија“ В.С. и Б.А., поради основано сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“ согласно член 353 став 1 од Кривичниот законик.
Според сознанијата од истражните дејствија, пријавените во текот на 2023 година не извршиле должен надзор врз работењето на подредените раководители, со што овозможиле набавки спротивно на Законот за јавни набавки.
Наместо дозволената граница од 24.000 евра, биле реализирани набавки во вкупен износ од 56.546 евра, со што е надминат законскиот праг за 32.546 евра.
„Со овие постапки буџетот на АД Пошти е директно оштетен за над 32 илјади евра,“ соопштија од СВР Скопје.
Предметот е доставен до надлежното Основно јавно обвинителство, кое треба да одлучи за понатамошните постапки.
