Вести Свет

Студенти и граѓани пред зградата на судот во Нови Сад, бараат итно ослободување на приведените во антивладините протести

Протестите ширум Србија продолжија и денеска со блокади и демонстрации во повеќе градови. Две лица беа уапсени на блокадата на судот во Нови Сад, од каде граѓаните бараат ослободување на покраинскиот пратеник од Движењето на слободни граѓани Радивоје Јовановиќ. Српските медиуми соопштија дека денеска била приведена и неговата сопартијка Исидора Челекетиќ. Во судот и на задниот службен влез, полицијата е присутна во опрема за разбивање на демонстрации. Според студентите, на 12 нивни колеги им е изречен притвор до 30 дена. Шестмина се товарат за обид за тешко убиство поради наводен напад врз припадници на специјалната единица на воената полиција „Кобра“ за време на протестите минатата недела. Петмина се во затвор во Клиси, а еден е во домашен притвор со електронски надзор поради влошена здравствена состојба. Протестот во главниот град вчера беше мирен сè додека група млади луѓе, за кои се верува дека се фудбалски хулигани, не се одвоија од толпата и не фрлаа камења кон канцелариите на владејачката партија во центарот на градот, кршејќи ги предните прозорци. Во знак на пркос, српскиот претседател Александар Вучиќ се појави во оштетената канцеларија на неговата партија, нарекувајќи ги демонстрантите терористи и велејќи дека „ова покажува со какви насилници и насилни луѓе има работа“.

„Изгледа дека се исеков. Не ми давајте никакви марамчиња, имам марамчиња. Да ви кажам нешто. Ова покажува со какви бандити и насилни луѓе си имаме работа. Луѓе на кои не им треба ништо, луѓе кои обично немаат поим што ќе прават со своите животи. Имаше навистина мал број од нив тука вечерва. Сите заедно, во целиот Белград, сметајќи ги предградијата како Лазаревац, Младеновац и Обреновац, се собираа таму – сите заедно немаше повеќе од 2.300 од нив, изјаваи Александар Вучиќ-претседател на Србија.

Протестите пред судот започнаа вчера и завчера, по што беше донесена одлука денеска да се почне со блокада.  Студентите кои повикаа на протестот најавија дека блокадата ќе продолжи сè додека не бидат ослободени сите приведени демонстранти.

Во текот на изминатата недела, во Србија секојдневно се организираа антивладини протести, за време на кои избувнаа инциденти – судири меѓу демонстрантите и поддржувачите на владата, како и со полицијата.

Кристина Кузмановски

 

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Измама со брзи кредити – две кумановки подигнале над 150.000 евра на име на нивни сограѓани

Дејан Дејан

Ограничениот напредок во заштитата го става Охрид на Листата на светско наследство во опасност

Дејан Дејан

Скендербег, Мисирков, Мајка Тереза се меѓу новите имиња на улици во Тетово

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе