Вести Свет Топ вести

Ова е моментот кој треба да се искористи за да се постигне мир во Украина, заедничка констатација на сите реакции по вчерашните средби во Вашингтон

Американскиот претседател Доналд Трамп за време на вчерашните средби со европските лидери и украинскиот претседател Володимир Зеленски во Вашингтон изрази уверување дека рускиот претседател е подготвен да постигне договор. Во разговор со францускиот претседател Емануел Макрон, очигледно несвесен дека неговиот микрофон е вклучен, Трамп рече дека Путин сака да постигне договор токму поради него.

„Добро изгледаш. Малку исончан, добро си? Одлично изгледаш“ му се обрати Трамп на Макрон.

Додека Макрон му одговори со „Благодарам што работиш на ова.“

„Можам да му се јавам на Путин и мислам дека можам да договорам трилатерална средба. Мислам дека сака да постигне договор. Мислам дека сака да постигне договор поради мене, разбираш ли? Колку и да звучи лудо тоа“ додаде Трамп. 

По вчерашните средби во Вашингтон, Доналд Трамп разговарал со Владимир Путин за да ги започнат подготовките за трилатералната средба, која произлезе како предлог од неговиот состанок со Зеленски. Москва наместо одговор објави само протоколарно соопштение, во кое се вели дека двајцата претседатели разговарале 40 минути. Советникот за надворешни работи на Путин, Јури Ушаков, пак кратко порача дека вреди да се разгледа можноста за зголемување на нивото на претставниците во преговорите.

„Владимир Путин и Доналд Трамп ја изразија својата поддршка за продолжување на директните преговори меѓу делегациите на Русија и Украина. Во тој поглед, особено идејата која беше дискутирана дека ќе биде неопходно да се разгледа можноста за зголемување на нивото на претставници од украинската и руската страна, односно на претставниците кои учествуваат во тие преговори“ вели Јури Ушаков – Советник за надворешни работи на Рускиот претседател.

Дипломатските напори изминативе пет месеци на американската администрација не го дадоа резултатот на кој се надеваше Трамп. Трите рунди директни преговори меѓу делегациите на Украина и Русија, освен размена на воени заробеници, не придонесоа многу за приближување на позициите на двете земји. Начинот на кој Вашингтон го води овој процес нема критичари само во Европа, туку и внатре во САД.

„Мислам дека тој не разбира, или не му е грижа. Оваа администрација е толку неинформирана географски и историски, за тоа кој е влогот, зошто оваа војна започна. Фактот што пратеникот Виткоф постојано ги повторува руските поенти, не можам да верувам“ рече Бен Хоџес – Поранешен командант на американската армија во Европа.

Европските лидери кои придружени од претседателката на ЕК и Генералниот секретар на НАТО вчера беа во Вашингтон изразија внимателен оптимизам дека половина година по впуштањето во овој подвиг за завршување на војната во Украина, Трамп конечно постигнува некаков напредок.

„Трамп навистина многу пати се предомисли и ова е импулсот кој треба да биде зграпчен. Да се продолжат овие дискусии и ќе очекуваме да видиме кои ќе бидат следните чекори што ќе значат дела. Треба да има дополнителни средби, и секако прекин на огнот и договор кој ќе биде прифатлив за Украина, како и за претседателот Путин и другите вклучени страни“ изјави Тина Ахвледиани – Центар за Европски политички науки.

Иако сѐ уште не е сигурно дали Путин воопшто се согласи на самит со Зеленски и Трамп, веќе се појавија предлози за локацијата каде треба да се одржи. Швајцарија прва се понуди да биде домаќин на евентуалниот самит каде би се ставило крај на војната во Украина, но многумина сметаат дека Путин не сака да преговара во Западна Европа, претпочитајќи ја Турција или Обединетите Арапски Емирати.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(Видео) Украина погоди 116 руски бродови за девет дена, соборија и руски хеликоптер Ми-28

Kristina Kuzmanovski

Пресудата за Груевски е резултат на измените на КЗ што ги донесоа СДСМ и ДУИ поради кои имаше многу политички амнестии, а многу и ќе следат, рече Мицкоски

Sonja Petrusevska

УНЕСКО: Охридскиот Регион – културно наследство во опасност

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе