Американскиот претседател подготвен ги очекува европските лидери и украинскиот претседател Зеленски во Белата куќа, каде ќе дискутираат за завршување на војната во Украина. Средбите во Вашингтон доаѓаат по самитот на Трамп со рускиот претседател Путин минатата недела, по кој се чини дека американскиот претседател уште еднаш го омекна неговиот став кон Москва. Порачувајќи му на Зеленски, уште пред да се упати украинскиот претседател кон САД, дека војната може да заврши доколку тој го сака тоа.
„Суштината на американската позиција за тоа што е потребно за да се заврши војната комплетно се смени. Таа е сосема недоследна во поглед на тоа. Каква гаранција, какво уверување може да добие, Украина или Европа, дека безбедносните гаранции, дури и да бидат понудени, всушност ќе бидат исполнети ако се појави потреба, освен тоа што Трамп, уште еднаш ќе најде изговор да не му се спротивстави на Путин?“ изјави Најџел Гулд Дејвис од Меѓународен институт за стратешки студии.
Во продолжение на пораката до Зеленски, Трамп рече и дека Украина нема да си го врати Кримскиот полуостров, анектиран од Русија во 2014 година, што предизвика реакции од Европа.
„Принципот дека меѓународните граници не треба да се менуваат со употреба на сила е темелот на меѓународното право. Токму затоа предлогот на Трамп дека Украина нема да го врати Крим е многу контроверзен и неприфатлив за европските лидери и Киев“ рече Ема Буроус од Асошиејтед Прес.
Неколкуте месечни дипломатски напори, пред се на САД, не вродија со плод. А трите рунди директни преговори меѓу руските и украинските делегации, освен што договорија неколку размени на воени заробеници, не ги приближија двете земји до примирје. Пристапот на Трамп кон овие преговори, заобиколувајќи ја едната завојувана страна и нејзините сојузници, кои имаат легитимни забелешки за руските воени апетити на Стариот континент, ги натера европските земји да ги надминат своите разлики и пред него да презентираат единствен став.
„Сега го имаме овој феномен каде европски лидери масовно слетуваат во Вашингтон, најважните од нив, некои од нив ги прекинаа своите одмори што само докажува колку висок е влогот за нив, за визуелно да ја претстават својата поддршка за Украина и да се обидат да го убедат Трамп да се откаже од тоа што се обидува да го наметне, а кое многу наликува на руското мислење како треба да заврши војната“ додава Најџел Гулд Дејвис од Меѓународен институт за стратешки студии.
Трамп и Зеленски прво приватно ќе разговараат во Белата куќа, каде потоа ќе ги пречекаат и европските лидери. Зеленски веќе разговараше со специјалниот пратеник на Трамп за Украина, Кит Келог, каде поучен од неговата катастрофална претходна посета на Белата куќа, побрза да им се заблагодари на САД за помошта. Присуството на останатите европски лидери има за цел да му демонстрира на Трамп колку е значаен конфликтот и неговото разрешување за Европскиот континент.
„Мораме да го направиме ова како што треба. Мора да бидеме сигурни дека ќе има мир, дека тоа ќе биде траен мир и дека ќе биде праведен. Токму затоа денеска патувам во Вашингтон заедно со останатите европски лидери, да разговараме лице во лице со претседателите Трамп и Зеленски, бидејќи во интерес на сите е, во интерес на Обединетото Кралство е да го направиме ова како што треба“ посочи Кир Стармер, премиер на Велика Британија.
По самитот со Путин минатата недела, Трамп го повлече својот услов Русија прво да се согласи на примирје пред да продолжат преговорите за мировна спогодба, и го приближи ставот до тој на рускиот претседател дека преговорите треба да бидат фокусирани на постигнување долгорочна спогодба.
Игор Трајков
