Албанија ја интензивира употребата на вештачка интелигенција (ВИ) во јавната администрација за забрзување на процесот за пристапување кон Европската Унија и борбата против корупцијата, објави владата во Тирана. Премиерот Еди Рама објави дека размислува за создавање министерство кое целосно ќе биде управувано од вештачка интелигенција, опишувајќи ја технологијата како „најефикасен иден член на владата“, објавува „Политико“.
„Еден ден, можеби ќе имаме министерство кое е целосно управувано од вештачка интелигенција. На тој начин, нема да има непотизам или судир на интереси“, рече Рама на прес-конференција во јули.
Идејата сè уште не е преточена во официјална политика, но вештачката интелигенција веќе се применува во неколку сегменти на управувањето: од контрола на јавни набавки и следење на даночните и царинските трансакции, до откривање на нелегална градба, како и надзор на плажи и плантажи со канабис со помош на дронови и сателити.
Со цел подобрување на безбедноста во сообраќајот, најавена е и употреба на технологија за препознавање лица за испраќање дигитални предупредувања и казни до возачите.
Дигиталните јавни услуги во Албанија се значително проширени: повеќе од 95 проценти од административните услуги се достапни преку порталот е-Албанија, каде што на граѓаните им помага службеник за виртуелна вештачка интелигенција. Според владините податоци, платформата овозможила повеќе од 49 милиони трансакции и им донесе заштеди на граѓаните од над 600 милиони евра.
Албанија започна преговори за пристапување со ЕУ во 2022 година, а вештачката интелигенција сега се користи и за преведување и анализа на сложени правни текстови во процесот на хармонизација со законодавството на Унијата, кое вклучува околу 250.000 страници.
