На владата не ѝ се допаѓаат предложените кандидати за македонски судија во Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур и ја разреши Комисијата за избор, а на нејзино место формираше нова.
Старата комисија избра тројца предлог-кандидати од кои требаше да се избере идниот судија во Стразбур – обвинителката Ленче Ристоска, апелационата судијка Габриела Гајдова и адвокатот Јордан Апостолски.
Во владата велат дека тројцата предложени не ги исполнуваат условите, но не прецизираат конкретно кои услови не се исполнети.
„Проценката на Владата се темели на објективна анализа на исполнетоста на формалните и суштинските критериуми утврдени според стандардите и практиката на Советот на Европа и Европскиот суд за човекови права. Во оваа фаза не би било соодветно да се коментираат поединечни кандидатури, од почит кон интегритетот на процесот и личниот и професионален интегритет на сите номинирани“, велат во Владата.
Одлуката за основање нова Комисија е донесена на владината седница на 22 јули, а објавена во Службен весник на 25 јули. Новата Комисија за избор има пет члена – претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски, претседателот на Врховниот суд Африм Фидани, в.д. претседателката на Основниот кривичен суд Скопје Даниела Димовска, претседателот на Основниот граѓански суд Скопје Бесник Авдија и Ирина Трајкоска Стрезоски, директорка на Академијата за судии и јавни обвинители.
Во старата комисија формирана пред четири месеци имаше 9 члена. Уставниот судија Осман Кадриу, кој беше член на таа Комисија, вели дека кандидатите што ги предложиле ги исполнуваат сите услови. Се воделе од принципите на стручноста и моралноста на пријавените.
„За да имаме квалитетен избор, ние одлучивме, по мој предлог, и во Деловникот се вгради одредба предложените, односно избраните кандидати од страна на Комисијата треба да добијат минимум двотретинско мнозинство. Значи од 9 членови колку што броеше Комисијата требаше 6 гласа да добијат. Тие тројца што се предложени од Комисијата се избрани со двотретинско мнозинство, сметајќи дека ги исполнуваат условите“, вели Кадриу.
Огласот за Судија беше објавен на 14 април годинава. Комисијата потоа ги разгледуваше пријавените кандидатури и избра тројца кандидати. Потоа, тројцата предложени требаше да ги испрати на мислење во Меѓународниот советодавен панел на експерти на Совет на Европа, па заедно со мислењето од Советот на Европа ги доставува до владата. Владата потоа треба да ја усвои листата и да ја достави до Парламентарното Собрание на Советот на Европа, кое од тројцата предложени треба да го избере новиот судија.
Сепак, Комисијата не ги испратила на мислење во Стразбур, туку прво побарале мислење од владата. Кадриу вели дека кај нив преовладувало мислењето дека прво треба да ѝ дадат можност на Владата да се произнесе.
Во Владата, пак, сметаат дека листата се испраќа на мислење во Стразбур откако ќе биде усвоена од Владата, а со оглед дека не била усвоена, воопшто не била испратена.
Обвинителката Ленче Ристоска, која беше една од предложените кандидати, вели дека би било корисно Владата да соопшти кои кандидати не ги исполнуваат кои услови, како и во која постапка е ова утврдено.
„Советот на Европа има пропишано правила за фазите низ кои поминува постапката на предлагање на судија во Европскиот суд за човекови права, така што доколку дојде до нарушување на овие правила, за тоа официјално ќе го известам Советот на Европа“, вели обвинителката Ристоска.
Македонски судија во Стразбур во моментов е Јован Илијевски, кому мандатот му истекува на 1 февруари 2026 година.
Срѓан Стојанчов
