Вести Македонија Најважни

Филипче лобира, експертите очекуваат отпор за извештајот во ЕП

По повикот на премиерот да лобираат за извештајот за Македонија во европскиот Парламент, претседателот на СДСМ веќе почнал разговори со дел од сестринските европски партии и добил ветување за поддршка. Смета дека секој конструктивен предлог за обединување на капацитетите на сите политички фактори е за поздравување, но има и прашања до Мицкоски на кои чека појасен одговор.

„Јас веќе вчера зборував со секретарот на Партијата на европски социјалисти (ПЕС), во чие семејство ние припаѓаме, господинот Џакомо Филибек, во однос на координации. Денеска ги продолжуваме разговорите да видиме кои се тие конкретни чекори коишто треба да ги направиме, да разговараме со европратениците кои припаѓаат во нашето семејство на демократи и социјалисти. Но, сакам да го прашам премиерот, дали доколку биде прифатен, тоа ќе биде нешто што за него ќе биде доволна гаранција за да се започне процесот на уставните измени?“, праша Венко Филипче, претседател на СДСМ.

Филипче има впечаток дека владата постојано ги поместува црвените линии и најавува нови. Смета дека владата на СДСМ направила доволно за заштита на јазикот и на идентитетот, но ќе бидат конструктивни и ќе го поддржат и ова. Премиерот вчера од собраниската говорница, на темата уставни измени, рече дека нема поместување ни милиметар од позициите, додека нема Македонци во бугарскиот Комитет за малцинства. Ги повика СДСМ и ЛДП да лобираат за извештајот кој вклучува засебен многувековен македонски идентитет, поврзан со нацијата и со македонскиот јазик.

Од Институтот за демократија очекуваат силен отпор од некои европски држави за извештајот, за кој велат дека не е нов, но сметаат дека веројатноста да биде изгласан, сега е најголема.

„Одлично е да имаме официјален документ уште еднаш да потврди дека имаме генеза на идентитет и јазик. Мислам дека тоа е чекор напред кон уставни измени, иако не е ни единствен, ни доволен, но клучно е да ги заштитиме земјите членки од билатералните спорови“, изјави Марко Трошановски од Институт за демократија.

Премиерот вчера изјави дека прв тест ќе биде да се види како ќе се однесуваат бугарските европратеници за извештајот во кој се зборува за посебниот многувековен македонски идентитет и посебниот македонски јазик кои се поврзани со нацијата, а не територијата на државата. Втор тест, според него, ќе биде и дали земјите членки на ЕУ ќе го усвојат документот за малцински права подготвен од МНР и како ќе реагира Бугарија.

Источниот сосед, пак, не чекаше ниту извештајот да стигне во европскиот Парламент и уште денеска едногласно усвоија нова резолуција за напредокот на Македонија во процесот на пристапување кон ЕУ.

Во резолуцијата се наведува дека Бугарија останува целосно посветена на европскиот консензус од јули 2022 година и ги повикува македонските власти строго да ги спроведуваат договорите што ги прифатиле. Стои и дека се неприфатливи какви било обиди во рамките на институциите на ЕУ за повторно преговарање, заобиколување или игнорирање на веќе постигнатите договори.

Во документот се истакнува и дека европскиот консензус е договор меѓу земјата кандидат за членство во ЕУ од една страна и Унијата како целина од друга страна и затоа не претставува билатерално прашање.

Бугарското Национално собрание ги повика институциите на ЕУ да продолжат со напорите за гарантирање на правата на Бугарите во Македонија.

Далиборка Демјанска Цветановска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Ограничениот напредок во заштитата го става Охрид на Листата на светско наследство во опасност

Дејан Дејан

Скендербег, Мисирков, Мајка Тереза се меѓу новите имиња на улици во Тетово

Sasko Dimovski

Братучед полицаец не ѝ помогнал, сведочеше жртва од пожарот во „Пулс“

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе