Ќе ги враќа ли државата парите собрани преку солидарниот данок? Од Уставен суд за Телма велат дека се чека мислењето од Владата и од парламентот за ова законско решение.
Во ноември минатата година од судот на брифинг со новинарите соопштија дека во игра се неколку опции.
Едната е да се укине што би знаечло во иднина да не може да се примени ниту донесе идентичен закон.
Втората опција е да се поништи и во овој случај државата ќе треба да ги враќа парите од овој данок.
Третата е да се запре постапката, но ова како што соопштија на брифингот се применува многу ретко.
Сепак, поранешната претседателка на Уставниот суд Добрила Кацарска е токму за последната опција. Таа не го поддржува мнозинството за да се води постапка и во издвоеното мислење објавено пред неколку дена предлага дека единствената исправна одлука на Судот сега ќе биде да ја запре постапката, затоа што законот имал еднократна намена, завршил и не постои во правниот поредок.
За Законот за солидарен данок до Уставниот суд беа доставени повеќе иницијативи. Ставот на повеќето уставни судии разгледувајќи ги иницијативите е дека има елементи на нарушување на уставноста бидејќи со данокот на солидарност се повредува владеењето на правото, тој е ретроактивен а ретроактивноста е забранета, лошо е толкувана ЕУ директивата на која се повикува во законот како и самото несоодветно повикување на солидарност со кое се опфатени дел а не сите фирми.
Законот за солидарен данок се донесе во септември 2023 година. Се оданочија над 150 фирми кои платија дополнителен данок на државата од речиси 50 милиони евра.
Кога се кроеше ова законско решение тогашната влада соопшти дека станува збор за еднократно решение во вонредни услови, а парите кои ќе се соберат ќе се потрошат за антикризни мерки и за најранливите категории во земјава.
Според најавите од Уставниот суд, седницата на која ќе се расправа за уставноста на Законот за солидарен данок треба да се одржи на почетокот на идниот месец.
Ирена Чачкова