Уште еднаш се докажува дека интересот е вечен и само тој ги спојува политичките партии, без разлика што сакаат да се покажат како политички противници пред граѓаните, рече Билјана Ивановска, поранешна претседателка на Државната комисија за спречување корупција, во вечерашната дебата во „Топ тема“ на ТВ Телма во контекст на изгласување на потребата за носење на Изборниот законик по скратена постапка попладнево во собранието.
„Меѓутоа, во една Резолуција на Советот на Европа стои дека кога граѓаните имаат сè помалку и помалку доверба во институциите, клучно е да се прошири демократскиот капацитет во државата. За жал, тоа тука не се случи. По сите овие работни групи, состаноци, предлози, итн. промените се сведоа на дијаспората. А, каде сме тука ние, како граѓани на оваа држава, дали уставните права на нас нѝ се загарантирани…“, вели Ивановска.
Според неа, само се изнаоѓаат механизми за обезбедување на гласови.
„Мене на тоа ми личи. Ние имаме толку многу работи кои што треба да ги усогласиме тука, во државата, на сите избирачи да им овозможиме да имаат увид за кого гласаат и како гласаат, а од друга страна електронско ќе се гласало во дијаспората. Нашите барања се темелат на низа пропусти со кои ние се соочивме во текот на повеќе изборни циклуси. Очигледно е дека постојат одредени слабости кои што може многу елегантно да се надминат, доколку, се разбира, има политичка волја“, додаде Ивановска.
С.Д.
