Пошта на Северна Македонија продолжува со континуирани финансиски загуби кои негативно влијаат врз нејзината работа и квалитет на услугите, покажува ревизорскиот извештај за компанијата за 2023 година во кој се наведуваат големи долгови и ненавремено ги подмирува обврските.
Само 59,7% од пратките биле доставени навремено, што е далеку под пропишаните стандарди. Дополнително, откриени се неправилности во управувањето со имотот и јавните набавки, како и зголемување на платите на менаџментот, иако друштвото е во финансиска криза.
Ревизорите препорачуваат итни мерки за подобрување на финансиската стабилност и квалитетот на услугите. Согласно ревизорскиот извештај, друштвото се наоѓа во неповолна финансиска положба од 2017 година, при што во континуитет остварува загуби од работењето, а најголема загуба во износ од 3.726.000 евра е забележана во 2022 година.
Дополнително е утврдено и дека недостасуваат точни и усогласени евиденции за земјиштето и градежните објекти, што влијае на квалитетот на податоците во трговските книги. Дел од објектите, како и две одморалишта во Охрид вредни 6,4 милиони денари, се во лоша состојба и потребна им е санација, а за еден е утврдено бесправно користење.