Опозицискиот СДСМ нема да го поддржи Предлог-буџетот на Владата за 2025 година. Го оцени како нереален и неразвоен и поднесе повеќе од 200 амандмани, со главен фокус кон зголемување на платите во јавниот сектор и обезбедување на подобри услови за работа и квалитетни јавни услуги, соопшти партискиот лидер, Венко Филипче.
„Овој буџет, како што е предложен, е скроен да ги задоволи потребите на власта, а не на граѓаните. Владата предвидува раст на БДП од 3,7 отсто за 2025 година, кој нема да може да го оствари, а потврда за тоа се проекциите на Народна банка, која го определи на 3,3 отсто и очигледно најреалната проценка на Светска банка 2,5 отсто. Владина проекција за висок раст на БДП е поставена на нереална основа и има за цел да оправда поголем буџетски дефицит. Ваквиот пристап ќе значи и зголемување на јавниот долг без да донесе никаков развој. Со други зборови ќе трошиме повеќе од тоа што заработуваме, а долгот ќе мораме да го враќаме во иднина веројатно со многу повисоки даноци или со кратење на пари за други подобри јавни услуги“, рече Филипче.
Вели Владата предвидува 250 милиони евра од заемот од Унгарија да ги пласира како поволни кредити за стопанството преку деловни банки, за кои се има согласено да ја плаќа разликата во каматата и банкарските трошоци на кредитите кои банките ќе им ги одобрат на компаниите.
„Во исто време се планира кратење на капиталните расходи во клучни сектори, како здравство и образование. Ова е најдобар индикатор дека Владата нема концепт за развој, туку го оптоварува буџетот со непотребни трошоци без воопшто да вложува во секторите кои значат квалитетен живот на граѓаните. Понатаму, Владата предвидува 250 милиони евра од заемот од Унгарија да ги пласира како поволни кредити за стопанството преку деловни банки, при што, како што соопшти премиерот Христијан Мицкоски, Владата се согласила да ја плаќа разликата во каматата и банкарските трошоци на кредитите кои банките ќе им ги одобрат на компаниите. Мицкоски треба да каже зошто ќе има двојно плаќање на камата и потенцијална нееднаквост меѓу компаниите и општините. Второ, зошто со парите на граѓаните ќе ги враќа и плаќа два пати каматите за кредити. Тие кредити нема да се потрошат за потребите на граѓаните и за подобрување на нивниот квалитет на живот“, рече Филипче.
Во врска со амандманите, Филипче истакна дека за сите има солидно образложение и како што рече, тие се поднесени по сериозни анализи по сектори од експерти коишто работат со години во тие сектори. Нагласи дека СДСМ смета дека бил неправилен критериумот според кој биле доделувани парите од унгарскиот кредит на општините.
Со поднесените амандмани, опозициската СДСМ предлага одвојување на 3.500.000.000 денари од Буџетот за следната година за зголемување на платите во јавниот сектор. Со амандман којшто се однесува на образованието, СДСМ предлага издвојување на 996.406.000 денари за зголемување на платите на наставниците од основно и средно образование. Во полицијата, со амандман СДСМ предлага покачување на платите од 20 отсто, додека, пак, за платите на пожарникарите да се издвојат 1.000.000.000 денари во Буџетот за 2025 година.
