Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска ќе расправа за кандидатите кои ги исполнуваат условите по Одлуката за објавување на Јавен конкурс за именување на членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Вкупно 24 кандидати ќе се борат за седумте нови места во Советот.
Тие веќе го поминаа „филтерот“ на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, по што на јавна расправа ќе одговараат на прашањата од пратениците.
Меѓу имињата на кандидатите е и на Афрона Верзиволи која ѝ стана позната на јавноста откако летоска се изјалови обидот да стане главен ревизор за ИПА фондовите во Македонија, затоа што нема соодветен ревизорски сертификат, а Антикорупциската комисија отвори постапка за случајот.
Законот забранува за членови на Советот да бидат избрани лица кои биле членови на раководни органи на политичките партии во последните 10 години.
Таа не е, но нејзиниот сопруг Адриан Демири минатиот месец беше избран за шеф на локален огранок на Алијанса за Албанците во Липково за што пак партискиот лидер Арбен Таравари на Фејсбук се пофали со изборот.
Телевизија Телма го следи случајот, а токму тоа пак предизвика нервоза кај нејзиното потесно роднинско опкружување кое со погрдни зборови испраќаше пораки до новинарите кои информираа за новонастанатата ситуација.
