Претседателката на Европската комисија (EK), Урсула фон дер Лaјен денеска ќе престојува во Скопје во рамки на нејзината четиридневна турнеја низ земјите од Западниот Балкан. За време на посетата на земјава, таа ќе има средби со претседателката Гордана Сиљановска Давкова и со премиерот Христијан Мицкоски.
Во пресрет на посетата на Фон дер Лајен на регионот, ЕК вчера ги одобри реформските агенди на Северна Македонија, на Албанија, на Косово, Србија и на Црна Гора, поврзани со Планот за раст на Западниот Балкан. Во нив, тие се обврзуваат на социо-економски и фундаментални реформи во периодот од 2024 до 2027 година за поттикнување на раст и поврзување со ЕУ. Нивното одобрување беше клучен чекор за исплата на средства од Механизмот за реформи и раст на Западниот Балкан, чија вкупна вредност е шест милијарди евра.
Фон дер Лајен во Скопје ќе допатува од Тирана, каде се сретна со албанскиот премиер Еди Рама по која најави дека ЕК наредната недела ќе ги објави извештаите за напредокот на европскиот пат на земјите кандидати за членство во ЕУ.
Од Скопје, Фон дер Лајен попладнево ќе отпапува за Јабланица во БиХ, каде ќе ги посети подрачјата што неодамна беа погодени од поплави. За утре претпладне се предвидени средби со членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, како и со претседавачката на Советот на министри, Борјана Кришто, по што ќе замине за Белград на средби со српскиот претседател Александар Вучиќ и со премиерот Милош Вучевиќ.
В сабота Фон дер Лајен ќе престојува во Приштина, каде ќе се сретне со косовската претседателка Вјоса Османи и со премиерот Албин Курти, по што ќе отпатува за Подгорица на средби со шефот на црногорската држава Јаков Милатовиќ и со премиерот Милојко Спајиќ.
