Сејф сити ќе почне да лови сообраќајни прекршоци најрано од наредната година, бидејќи досега не било направено ништо за тоа како ќе се имплементира проектот од почеток до крај. Ова денеска го изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на прес-конференција по повод 100 дена Влада. Вината за доцнењето ја впери кај претходните власти која не направила план за тоа како ќе се поставуваат камерите, па се до наплата на казните и за оваа цел е формирана и работна група.
„Како и се друго ова си го терале како процес „буцни прачка пиј вино“, е така не бива. Заради тоа што сакаме навистина системски да ги решиме проблемите, заклучно со 2024 теорија нема. Се надевам заклучно со 2025 ќе можам да им презентирам на граѓаните систем кој што функционира барем Тетово, Скопје и Куманово, а притоа се надевам дека идната година кога ќе го поставиме ќе констатираме намален број на човечки жртви. Целата е таа, а не наплата на пари од граѓаните“, рече Тошковски.
Кога се тестирал системот на 20 отсто од камерите биле констатирани 2000 прекршоци. Според Тошковски, со системот ќе завршат и ургенциите за укинување на прекршоци.
„Една од придобивките на Сејф сити е тоа што нема да има повеќе јави му се на Петре, на Трајче, на министерот на главниот инспектор, на помошникот, на градоначалничката, туку едноставно компјутер ќе е. Нема кому да е јавите. Едноставно ќе треба да му ѕвоните на компјутерот. Од таа страна нема да ви договорат“, посочи министерот.
Од промените кои ги донел е и надоместокот за хранарина за полицајците по повеќе од 3 часа, бидејќи во изминатите три години против МВР има над 8000 тужби.
„Претходно на полициските службеници на недостоинствен начин во црни вреќи им биле давани како надоместок за хранарина, сув леб, паштети и други тип на прехранбени производи. Истите со право тужеле и тоа сето на крајот од денот пак ќе го платат граѓаните“, додаде Тошковски.
Министерот најави дека ќе се отвори ново средно полициско училиште, кое беше укинато во 2000 година. Се работи и на реконструкција на Центарот за обука во Идризово, каде ќе биде училиштето, а инвестирани се околу 3 милиони евра. Најави и нови полициски станици во Кисела вода и Бутел и нови униформи за полицајците.
Марија Митевска
