Вести Македонија Најважни

Апликацијата Конти „олесни“ илјадници Македонци со илјадници евра – нова пирамидална измама на повидок

На повидок е голема пирамидална измама, тврдат на социјалните мрежи дел од оние кои се вклучени на популарната платформа Конти, која нудеше лесна заработка на пари преку гледање најави за филмови и лајкување. Апликацијата е присутна во Македонија една година, но групата на Телеграм во која има 14.000 Македонци во последните два дена згаснува. Дел од учесниците веќе не можат да се логираат на страницата и не добиваат приливи на платформата за тргување со криптовалути, а се претпоставува дека Конти им собра вкупно десетина милиони евра. Најпрво биле убедувани дека станува збор за времен проблем, но во групата на Телеграм се огласија и администраторите.

„Голема е веројатноста трансакциите да не се реализираат и тука нема што да се крие. Ве молам без обвинувања, никој не беше со сила натеран да вложува. Многу добија, а многу изгубија. Сите ќе бидеме среќни ова да не е вистина, но мора да се соочиме со реалноста“, пишува еден од администарторите во групата на Телеграм. 

Најмногу заработуваа оние кои први се вклучија во Конти, но вистината е дека парите доаѓаа од новите членови и завршуваа кај оние кои се на врвот на пирамидата, пишува порталот Мета во истражувачката сторија за Конти. За да заработат, како што биле уверувани, членовите морале да инвестираат одредна сума, односно да купуваат пакети во различни вредности од 50, 200 и 500 долари, а подоцна вложувањата се зголемиле. Иако имаше предупредувања дека станува збор за измама, учесниците не се откажуваа, па голем број од нив изгубија илјадници евра. Денеска, пак, на ФБ се појави страница Конти-Враќање на изгубените пари.

„Сега следува втора рунда измами, каде одредени личности ќе ви гарантираат дека за симболична сума ќе ви ги вратат парите што сте ги изгубиле во Конти“, предупредуваат граѓаните на ФБ.

За измамата преку апликацијата Конти, од МВР велат дека досега не е поднесена кривична пријава, а министерот Тошковски апелираше граѓаните да внимаваат при вакви вложувања.

„Сите оние кои што учествувале како жртви во овој потенцијален кривично-правен настан да се обратат до МВР, со цел да можеме да го истражиме и да постапиме согласно надлежностите“, рече министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Според информациите на Мета.мк, како основачи, на ова платформа се неколку млади луѓе од истокот на Македонија. Но, ова не е прв случај на пирамидална крипто шема. Слична апликација за измама се појави и во 2022 година, кога исто така беа измамени илјадници граѓани, а други заработија големи суми.

Емилија Мисирлиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Помали царински стапки за 67 стоки, се либерализира трговијата со САД – усвоени измените на Законот за царинска тарифа

Дејан Дејан

Избегнувајте работа на отворено од 11 до 17 часот – владата со мерки поради топлото време

Дејан Дејан

Трамп: Путин се јави и праша дали ни треба помош со Иран, му реков „ни треба со вас“

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе