Од година во година се намалува бројот на запишани студенти на домашните универзитети, но затоа се зголемува бројот на академски граѓани во Словенија. Минатата учебна година во земјава високото образование го започнале над 50 илјади студенти, додека пак во Словенија се одлучиле да студираат нешто повеќе од 1500 македонски граѓани. Оние кои иднината ја гледаат надвор од државата велат дека младите не доаѓаат само за факултетите, туку заради поволностите кои ги добиваат.
„Студентите според нашето истражување сакаат да се вратат, меѓутоа гледаат недостаток на можности и некако целото општество не е насочено кон тоа да ги врати и да ги интегрира назад. Ние зборуваме дека младите си заминуваат дека сакаме да ги вратиме, но прашањето е какви можности им нудиме на младите за когаќќе се вратат да можат назад да се интегрираат во општеството. Има напори меѓутоа прашањето е колку тие напори се насочени кон младите од повеќе сектори, а не само од менаџерска, финансиска економска положба“, вели Кристијан Поповски студент на Економскиот факултет во Љубљана.
Преку отварање на нови работни места и загарантирана работа државата ќе се обиде да ги врати младите кои секојдневно си ги пакуваат куферите и си заминуваат.
„Приоритетот ќе биде да ако можеме не само да ги задржиме младите умови тука во државата, туку и да вратиме голем дел од нив со загарантирана работа и со поддршка на нови старт ап компании и преку бизнис ангелите да можат да се препознаат тие добри иницијативи, да тие млади луѓе се вратат и отворат нов бизнис во Македонија“, вели Марјан Ристески заменик министер за економија.
„Треба ние како бизнис заедница но и другите аспекти од општеството да се вклучиме во развој на платформа која ќе работи на претприемништво, продуктивност, прикажување на предизвиците кои што можат да им се дадат на младите во нашата економија коишто се интересни и специфични и на крај и на финансиските придобивки доколку некој се врати кај нас. Мора да ни стане јасно дека треба да станеме финансиски конкурентни за тие оние што сакаат да се вратат“,вели Војдан Јорданов претседател на здружението на словенечки и македонски стопанственици и извршен директор на Триглав осигурување.
Целта на денешната конференција насловена „Од Словенија до Северна Македонија: Синергија на образованието и бизнисот“ беше на едно место да се соберат младите студенти, претставниците на институциите и стопанствениците, да се слушнат предизвиците и заеднички да се работи на изнаоѓање решенија со кои ќе се подобри демографската слика на државата односно како да се вратат младите дома.
Симона Петровска
