„Омаловажувачко и понижувачко„. Вака дипломатите го коментираат однесувањето на бугарските домаќини, кои при средбите на претседателката Силјановска со Радев и на министерот Љутков со неговиот колега Тодоров, не истакаа македонско знаме, а нивниот претседател не се појави ниту на операта вечерта.
Но, ова за нив, не е случајно. Убедени се дека бугарските функционери сакале да испратат порака до нивната, но и до македонската јавност дека тие воопшто не ги ни третираат македонските функционери како државници.
Нагласуваат дека, без оглед на тоа, дали посетата била формална или неформална, елементарен дипломатски протокол е истакнување на знамето на државата од која доаѓа државникот, а мали знаменца се ставаат и при посетите на амбасадорите.
Поранешниот дипломат, Драган Јањатов, кој има напишано и книга „Основи на дипломатската служба„, смета дека македонската претседателка беше омаловажена во Бугарија.
Јањатов смета дека, оправдувањето на Радев дека, не ја придружувал Силјановска поради хеликоптерската несреќа во која загинаа двајца пилоти, не е доволно. Ова однесување, смета тој, треба да ги замисли нашите функционери, кои мора да ја сменат стратегијата.
Дел од дипломатите, пак, вина наоѓаат и во членовите на протоколот на Силјановска кои морале претходно да проверат каде и во какви услови таа ќе се сретне со Радев и да реагираат за знамето пред средбата.
Бугарскиот претседател, пак, и на фејсбук се огради од посетата, велејќи дека никогаш не откажал средба со странски претседател, кој ја посетил Бугарија, независно по кој повод, со што јасно стави до знаење дека, тој не ја поканил Силјановска.
Од опозицијата случувањата ги оценија како дипломатски дебакл и невидено понижување на меѓународна политичка сцена.
Случувањата во Софија ја поделија и јавноста. Со критики излегоа многу јавни личности, а под објавата за посетата на Силјановска на фејсбук, следат бројни коментари. Едни ја поддржуваат и сметаат дека, направила добар прв дипломатски чекор за соработка со соседите, а други ја критикуваат дека го „допрела дното„.
Дел сметаат и дека, со овој потег, Бугарите го испитуваат капацитетот и пулсот на македонската дипломатија.
Позитивни критики од посетата, па и од бугарски државјани, доби само Националната опера и балет, за совршената изведба на „Набуко„ во Софија.
Далиборка Демјанска