Претседателката Гордана Силјановска Давкова отпатува за Софија каде ќе го проследи гостувањето на Македонската опера и балет со операта Набуко.
Регионалните медиуми информираат дека ова би можело да биде повод за да се реализира и првата средба меѓу двајцата претседатели Давкова и Радев иако се уште нема потврда за тоа.
Посетата на Сиљановска-Давкова на Софија е дел од културна дипломатија преку која може да се затоплат заладените односи со Бугарија, сметаат дипломатите, и да се создаде атмосфера во која би се отвориле и чувствителни прашања.
Последната официјална средба на претседатели на двете држави се одржа во октомври 2022 во Софија, каде Радев се сретна со тогашниот шеф на државата, Стево Пендаровски.
Новинската агенција БГНЕС напиша дека посетата на Давкова е за пофалба, но не е јасно дали таа е израз на културна дипломатија како што најави самата, или обид на власта во Скопје „да фрли прашина во очите на меѓународните партнери“.
Давкова ќе биде придружувана од министерот за култура Зоран Љутков и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.
Делегацијата пристигнува во Софија во време кога владата во Скопје прави обиди да ја убеди ЕУ за уставни измени со одложено дејство.
