„Не гледај што правам, туку слушај ме што говорам“. Ова е најсоодветниот коментар на вчерашното излагање на Мицкоски по повод Денот на независноста. Протоколарните пораки за обединување, за жал, немаат никаква врска со реалноста која ни ја сервира ВМРО-ДПМНЕ и политиките кои ги практикува во овие два месеци, реагираат од СДСМ откако вчера на Денот на независноста преку говор, премиерот Христијан Мицкоски повика на опозициски реформи и единство зад неговата платформа со 10 принципи.
Од СДСМ наведуваат дека „повиците за декриминализација на опозицијата се очаен обид да се покријат сопствените скандали во кои тоне Мицкоски“ бидејќи освен од партиската говорница која се користи за сеење лаги и измислени скандали против опозицијата, премиерот не докажал никаква криминализација.
-Додека Мицкоски вели дека дека морала да се прекине партизацијата во општеството, тој и ВМРО-ДПМНЕ спроведуваат груба партизација на државниот апарат. Се казнуваат и шиканираат сите кои не се подредени зад политиките на ВМРО-ДПМНЕ. Се омаловажуваат и прераспределуваат вработени, се вработуваат некомпетентни партиски кадри за кои се смее цела држава. Се етикетираат поединци и групи кои различно мислат или бараат нешто што ВМРО-ДПМНЕ не сака да го даде. ВМРО-ДПМНЕ спроведува партизирање на секое општествено ниво, дури за болни теми како што се лични образовни асистенти, реагираат од СДСМ откако вчера Мицкоски како втор принцип на својата платформа наведе запирање на партизација на општеството.
Според СДСМ, „Мицкоски наутро вели дека мора да се стави крај на етничките теми и поларизација, а попладне ВМРО-ДПМНЕ подгрева етнички тензии, креира заговори за дестабилизација, создава слика за меѓуетничка нестабилност.“
-Мицкоски вели дека сакал да воспостави правна држава, но очигледно таа треба да важи за сите други, освен за него и сопартијците. Мицкоски и неговите партнери треба да може грубо да ги кршат законите за кои нема одговорност, но да има правна држава. Да се штитат политички сите кои се од интерес на ВМРО-ДПМНЕ од највисоки до најниски функционери па дури и кога ја загрозуваат безбедноста на државата на границите. Но другите сите да одговараат, ова е идејата на Мицкоски за правна држава, го посочија од СДСМ примерот со спикерот Гаши.
Од опозициската партија наведуваат дека спротивно на зборовите на Мицкоски кој тврди дека нема друга алтернатива за ЕУ, ВМРО-ДПМНЕ нема никаков интерес да ги продолжи ЕУ преговорите и ова го докажаа за само два месеци.
-Мицкоски секако мораше да покаже и конструктивност, па ја повика опозицијата да се приклучи, а не кажа за што. Шупливите пораки со кои сака да глуми конструктивност се веќе прочитани. ВМРО-ДПМНЕ нема ниту план, ниту конкретен предлог за обединување, тоа единствено им е потребно на говорниците. Националното единство му е напишано во секој говор за да го прикрива семето на поделбите и омразата кое го сее. Во демократско општество, партнерствата и стручноста не се градат преку навреди, дискредитации и етикетирања. Кога некој е нападнат со реторика како „коленичење“, „купена диплома“ или „голтар“, тоа ја подрива самата политичка култура во која треба да владеат аргументите, а не личните навреди. Етикетите, како овие, не придонесуваат за развој, туку го разградуваат општеството, создавајќи поделби наместо единство, велат од СДСМ.
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија е државничка партија, стои во реакцијата на СДСМ и нема да биде деструктивна опозиција како што беше ВМРО-ДПМНЕ.
-Ние нема да блокираме мерки и закони во Собранието ако се добри за граѓаните, нема да го блокираме европскиот пат на државата, нема да подгреваме меѓуетнички тензии и поделби. Време е ВМРО-ДПМНЕ да созрее и го прифати овој начин на водење политика, па тогаш ќе имаме можност за национално единство и политички консензус. Но, за тоа е потребно лидерство, одговорност и подготвеност да се стави националниот интерес над партискиот. СДСМ докажа дека тоа може да го направи, но ВМРО-ДПМНЕ тоа допрва треба да го научи, одговорија од СДСМ.
