Политички пораки за единстви и сплотеност, беа главното обележје на прославата на Денот на независноста за која беа споени џезот, кавалот и зурлите. Премиерот Мицкоски беше единствен говорник кој спомна само една партија во својот говор и тоа не сопствената туку опозицискатаљ СДСМ, која ја повика да се реформира и да биде силна опозција, а заедно и сплотено да работат за националните интереси.
–Дојде време да завртите нова страница во која опозицијата нема да биде повеќе фактор на нестабилност, туку активен учесник во градењето на нашата заедничка иднина. Треба да престане старата пракса во која кога сте на власт тргувате со слободата и државноста на нашиот народ, а кога сте во опозиција ги ставате вашите лични и партиски интереси пред интересите на татковината. Силна опозиција е од суштинско значење за секоја демократска држава и јас се надевам дека процесот на консолидација на СДСМ по катастрофалниот пораз ќе заврши брзо и дека ќе дојде едно ново време на демократско, но патриотско опозициско делување, порача премиерот Христијан Мицкоски.
Опозиционери од СДСМ, но и од ДУИ немаше во салата од која се бараше и нивно учество во проектот со десет принципи на работа кои премиерот ги претстави на 33-тиот роденден на независноста.
Принципите на Мицкоски почнуваат со правната држава, а во првиот ред на поканетите гости беа само двајца високи претставници на правосудството, државниот обвинител и претседателката на судскиот совет.
–Прво, мора да воспоставиме правда и правна држава. И тоа не само флоскуларно и декларативно како до сега, туку суштински преку лични примери и колективни откажувања од сите оние срамни кои решиле да се посрамотат себе и своите семејства и отидат на другата страна на законот. Незаконието не смее да биде поведението кое ќе се следи. Без оглед кој е и што е во оваа земја, или ќе е чесен граѓанин или ќе има одговорност и одговара за своите постапки. Без оглед дали е власт или опозиција, рече Мицкоски.
-Второ, мора да се прекине партизацијата на општеството, да не ги делиме луѓето од една или друга партија, туку на способни и помалку способни. Способните мора да напредуваат. Не смее партиската книшка да биде дозволата за напредок, туку дипломата и реалното знаење. Мора мерит системот да биде над се друго. Трето, мораме да се оградиме и етничките конфликти и да ги изолираме елементите кои создаваат меѓуетничко неединство. Мора да ставиме мораториум на етнички произведените теми зад кои стои лукративниот интерес на поединци, посочи премиерот на прославата на 8-ми септември.
Веднаш после етничките односи на листата принципи се наредија економијата, праведното општество и образованието.
Седми по ред принцип е членството во ЕУ кон кое се стреми и новата влада и граѓаните, но како што смета Мицкоски „мора се знае горкото чувство кое го има секој наш човек дека предолго чекаме пред вратите на Унијата, а вербата во таквата иднина е напаѓана со безброј политички препреки, наместо суштински и системски критериуми кои ќе го направат животот подобар.“
-Секој македонски граѓанин има грутка во грлото од премногу постапки и штетни договори. Спремен сум да разговарам за секое прашање, но не сум спремен за отстапка по секоја цена. Дајте да направиме големи чекори и да градиме вистински процес на напредок.
Единство, верба во иднината и во идеолошката борба и борба против иселувањето на младите ја заокружија политичката платформа која ја понуди Мицкоски за празникот на државата каде вечното сонце сјае, како што кажуваше џезот и нотите на песната Македонија, во рамки на музичката програма.
За оние што живеат под сјајот на вечното сонце, Мицкоски ќе каже дека се разочарани, но тој празнично тврди дека нема да продолжи со старите политики кои 33 години работат спротивно на интересите на граѓаните.
-Многу одлуки се донесоа кои граѓаните ги почувствува како личен пораз. Големи кнедли беа проголтани и кои како диво месо се распространија во срцето на нашиот организам. Сето тоа искуство сега ни носи разочарување и постојана дилема кај многу луѓе дали ќе успееме. Истото тоа разочарување натера многу луѓе да си заминат и мнозина да се дистанцираат од политиката, рече Мицкоски од говрницата во Филхармонија каде беше одржана прославата на Денот на независноста.
Премиерот беше единствен говорник на прославата на која беа и претседателката Силјановска и спикерот Гаши, како и дипломатскиот кор меѓу кој и новиот амбасадор на Европската Унија, Грчкот Михалис Рокас.
Миомир Серафиновиќ
