Јавно објавил дека му бил нуден поткуп за тендерот за пругата кон Бугарија за да испрати порака за борбата со криминалот и корупцијата. Премиерот Христијан Мицкоски конкретно не кажа каде го пријавил обидот да биде подмитен.
Ден откако првиот човек на владата обелодени дека бил жртва на обид за поткуп, нема нови информации ниту од него, ниту од институциите надлежни за истражување на криминал и корупција. На прашањето на Телма дали и кога премиерот пријавил и што презема полицијата, од министерството за внатрешни работи (МВР) го добивме истиот општ одговор од вчера.
„Министерството за внатрешни работи постапува по повеќе предмети кои се поврзани со криминал и корупција. Во моментот кога истите ќе бидат во напредна фаза, соодветно ќе ја известиме јавноста“, велат од МВР.
Од обвинителството за гонење организиран криминал уште вчера одговорија дека не добиле пријава. Давање потуп може да се пријави и во останатите обвинителства, па од таму повеќе информации најавија за утре.
Мицкоски вчера рече дека институциите кои што треба се информирани, но и дека нудењето поткуп не се прави транспарентно и со докази, туку преку канал за комуникација со совет, а тој е доволно искусен да ја сфати целта на соговорникот
За делото Давање покуп предивдена е казна затвор до пет години
„Тој што директно или индиректно на службено лице ќе му даде, вети или ќе му понуди подарок или друга корист за него или за друг, за да изврши службено дејствие што не би смеело да го изврши или да не изврши службено дејствие што би морало да го изврши или тој што посредува при ова, ќе се казни со затвор од една до пет години“, стои во член 358, став 1 од Кривичниот законик.
Во друг став од овој член, пак, стои и дека истите одредби важат и за оној што ветил или дал поткуп, иако е странско службено лице или одговорен во странска фирма.
Тендерот за пругата со Бугарија ја бранува јавноста, откако власта најави дека се залага за пренамена на овие средства од коридорот 8 за коридорот 10, односно пругата кон Солун наспроти најавите дека не може да се пренаменат кредитите и помошта од ЕУ и од Европската банка.
Мицкоски и вчера рече дека останува на ставот дека така како што е предвиден проектот претставува сериозен проблем и владата нема да потроши 560 милиони евра за железничка инфраструктура којашто завршува „на половина тунел, во слепа улица на границата со Бугарија“. Тој и други владини претставници имале комуникација со партнерите од Брисел, но и од банките преку кои треба да се финансира изградбата.
Рокот за доставување на понудите истече на 26 јуни и кон средината на месец септември треба да се избере фирмата која ќе ја реализира третата делница.
Пругата кон Бугарија е дел од Примарната карта на европските транспортни коридори на Европската Унија, а, исто така, е дел и од таканаречениот НАТО Коридор за мобилност и поради неможноста да се пренаеменат тие средства од ИПА фондовите и европската банка може да бидат изгубени.
Елена Ивановска Мукоска
