Вести Македонија Најважни

Обвинителството го истражува случајот со обезбедувачите на Гаши – Косово бара извинување за Османи и аеродромскиот инцидент

Примено е известувањето, се работи на случајот, ова е краток одговор од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција чие специјализирано одделение за истраги на полициски службеници е надлежно за полицајците од обезбедување на собранискиот спикер Африм Гаши кои го предизвикале сериозниот инцидент на скопскиот аеродром.

Инцидентот меѓу полициското обезбедување на спикерот Гаши и полицајци и вработени на скопскиот аеродром се случи во четвртокот откако биле применети аеродромски безбедносни процедури врз косовската претседателка Вјоса Османи, чин кој Приштина го издигнува на повисоко дипломатско ниво и бара извинување од Скопје.

И додека празничниот викенд е алиби за спора истрага и бавна дипломатија, партиите од опозицијата ја напаѓаат власта и бараат одговорност. СДСМ дури тврди дека ги знае сите информации и ќе ја набљудува истрагата за да не земе погрешен тек. Не соопштуваат дали информациите ги доставиле до истрагата.

-МВР мора да информира каква била улогата на лица од обезбедувањето на Претседателот на Собранието Африм Гаши и согласно законите да поведе постапки против оние кои ги прекршиле овласувањата. Доколку ова не го направи, тоа ќе биде јасна потврда дека се кријат фактите со цел да се заштитат меѓукоалициските односи. СДСМ располага со целосни информации за тоа што точно се случило и доколку МВР се обиде да ги филува фактите, се ќе биде објавено, стои во соопштението на СДСМ.

ДУИ пак бара одговорност од своите ривали од ВРЕДИ поради инцидентот и поради нарушената чест на косвската претседателка.

-Дивото и недозволиво однесување на шефот на обезбедувањето на нелегитимниот претседател на Собранието по налог на Африм Гаши, како и институционалното незнаење на Астрит Исен, кој не ни бил информиран за скандалот е неприфатливо. Овој скандал мора да се расчисти до крај и веднаш да сносат политичка одговорност нелегитимните узурпатори на институциите, Астрит Исени од МВР и Африм Гаши од Собранието, соопштија од ДУИ.

Од ВМРО-ДПМНЕ засега молк за скандалот и нема одговор на обвинувањата кон нив. ВРЕДИ неколкупати нагласи дека инцидентот е предизвикан од полициски началници на ДУИ, партијата која има проект за радикализација, а сега дополнува со ризик да ги наруши односите со Косово.

Кое е вработеното лице на аеродромот кое објавува фотографии на социјалните мрежи со лицето А.Г. а се појавило на местото на инцидентот и со кои намери и причини? Колку криминал имаат направено поранешни функционери на ДУИ кога на ваков подмолен начин се обидувате да ја вовлечете претседателката на Косово во обид да креирате тензии и да ги направите Албанците заложници, за да се спасите од правосудна одговорност?, возвратија од коалицијата Вреди., ги прашуваат од ВРЕДИ нивните опоненти од ДУИ.

МНР пак потенцираше дека со Косово имаме позитивни и конструктивни релации, изрази жалење за недоразбирањата со Османи, но засега нема одговор на дипломатското барање за извинување кое што го испрати Приштина.

-Напоменуваме дека од страна на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија во врска со настанот веќе се побарани информации од сите надлежни институции. Откако ќе биде направена соодветна анализа на прибраните податоци во непосредна соработка со Министерството за внатрешни работи, ќе бидат преземени сите потребни активности и мерки, а со основна цел во иднина да се избегнат вакви или слични појави и ситуации, се обрати МНР до јавноста синоќа.

И додека трае дипломатското и партиското надмудрување, истрага за инцидентот води и внатрешната контрола на МВР.

Концесионерот ТАВ соопшти дека сите безбедносни процедури се применети согласно меѓународните протоколи според кои телефонот и чантата на косовската претседателка морале да бидат проверени за време на конкретниот ненајавен како државнички престој на Османи, на аеродромот.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(видео)Димитриевски: Советниците и пратениците кои станаа независни треба да го вратат мандатот

Дејан Дејан

(видео)Оштетена железничката инфраструктура – од електровлечната подстаница Драчево украдена опрема вредна пет милион евра

Дејан Дејан

(видео)Органодарителството спасува живот – мора да биде доброволно

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе