Црнила и пепел, мирис на јаглен, камени столбови и по некој ѕид, останаа неми сведоци за судбината на селото Орел. Ниту напорите на населението и противпожарните тимови, ниту интервенциите од воздух не успеаа да спречат огнот да влезе меѓу куќите.
Огнената стихија ги однесе и последните надежи на локалното население дека родната грутка некогаш повторно ќе заживее.
Пред да биде зафатено од пожарот тука биле населени неколку куќи, но во останатите, раскажуваат жителите, особено во летниот период се враќал џагорот кога дома се враќале оние кои некогаш го напуштиле за подобар живот.
Слична судбина делат уште неколку други околни села во светиниколско.
– Единствени сме во општината што си го спасивме селото. Значи единствени. Сите други села изгореа само нашето остана неизгорено, раскажува жител на селото Ѓуѓанци.
Напорите и 24 часовната будност на локалното население и противпожарните екипи го спасија селото Ѓуѓанци кое не ја дели истата судбина. Огнот беше локализиран, а куќите спасени.
Жителите раскажуваат дека неколку дена живееле во страв, гасењето било многу тешко бидејќи огнот се спуштал кон селото од непристапен терен, па сите надежи се полагале на воздухопловите.
Густиот чад дополнително ја усложнувал ситуацијата, а на терен неопходна била прецизна координација со локалците кои добро го познаваат теренот.
– Многу беше страшно, тука кога гореше ридот, тоа беше најопасно нешто. Се беше под чад и ништо не се гледаше. Луѓето беа исплашени.
– Ситуацијата се усложнува со оглед на тоа дека се гаси во многу шетки услови но сакам да изразам голема благодарност до сите учесници и граѓанската светс на луѓето, вели пожарникар од ТППЕ Св.Николе.
Пожарите годинава ги опустошија македонските шуми. Проценките се дека до сега изгореле над 380 километри квадратни. Рекорди се рушат и по број на жаришта. Статистиката само во месец јули регистрираше 765. Ваквата погубна слика ја потврдуваат и снимките од вселената. Вчерашните сателитски фотографии гo покажуваат чадот од пожарот од големи размери во источниот дел на Македонија, како и помалите во реонот на Македонски Брод кај резерватот Јасен, кај Пехчево и Кратово и во реонот на Старо Нагоричане.
Шумски пожари беснеат и во државите од регионот. Двата големи пожари во сплитско-далматинската жупанија сѐ уште не се изгаснати, пренесуваат локалните медиуми.
– Дадовме се од себе и тоа е тоа. Никому не му е ништо и тоа е најважно, а ова матиријалното, тоа ќе се поправи, вели еден пожарникар кој учествуваше во гасењето на пожарот во Хрватска.
Изминативе денови во цела Црна Гора беа активни неколку пожари, а некои од нив беа и од поголеми размери. Пожарите што го зафатија албанското крајбрежно подрачје Шенѓин се ставени под контрола.
Александар Петрески