Вести Македонија Најважни

Безбедносна проверка или инцидент со телефонот на Османи на скопскиот аеродром

Обезбедувањето на скопскиот аеродром не се обидело да и го одземе телефонот на косовската претседателка Вјоса Османи, туку да го подложи на задолжителна безбедносна проверка, соопштија денеска од ТАВ по вчерашниот инцидент која предизвика низа реакции. Согласно протоколите, сите патници, нивниот багаж и предмети со кои патуваат на комерцијален лет, како во овој случај, мора да имаат безбедносен преглед, а доколку тоа не се случи, пилотот на летот нема да му дозволи на патникот да влезе во авионот.

„Виенската конвенција за дипломатски односи ги ослободува од безбедносен преглед само официјалните гости на Владата на Република Северна Македонија, а операторот на аеродромот добива официјално известување за таквите изземања од Министерството за внатрешни работи. Насоките што ги доби нашиот Оддел за обезбедување од страна на Одделот за заштита на одредени лица и објекти јасно кажуваат дека членовите на делегацијата мора да поминат стандардна безбедносна проверка во согласност со утврдените процедури“, соопштија од ТАВ. 

Од кабинетот на Османи пак реагираа дека обидот да и се одземе личниот телефон е „спротивен на меѓународните практики и Виенската конвенција за дипломатски односи“. Косовското МНР го нарече „недостоинствен“ односот на аеродромското обезбедување и побара појаснување за инцидентот.

А во инцидентот се вмешало и обезбедувањето на собранискиот спикер Африм Гаши, кое како што соопшти МВР, им се заканувало на вработени во ТАВ и притоа  бил турнат и полициски службеник вработен на граничниот премин.

Гаши денеска вели дека не е човекот што може да каже што точно се случувало.

„Јас само интервенирав во делот да се смират ситуациите, да не се направи дипломатски инцидент, и мислам дека се заврши како што треба. Ако некој ги пречекорил своите овластувања, секако секој кој и да го направил тоа, треба да одговара“, рече Гаши.

Од опозициската ДУИ го осудија, како што велат скандалозниот дипломатски инцидент.

„Ваквиот однос на државата кон секој граѓанин, а особено кон највисоките претставници на државата, а во овој случај нашите сестри и браќа од Косово, е неприфатлив и мора да биде најстрого казнет. Скандалозна е и инволвираноста на шефот на обезбедувањето на нелегитимниот претседател на Собранието Африм Гаши во инцидентот, и продлабочувањето на истиот, без никаква надлежност, без да биде повикан и без право, а тоа гласно говори за мизерната и вазална позиција на нелегитимната албанска застапеност во моноетничката влада“, соопштија од ДУИ. 

А прошка од Косово преку Фејсбук, побара екс вицепремиерот од ДУИ, Артан Груби. Лидерот на партијата Алиу Ахмети пак се извини.

За лидерот на СДСМ, Венко Филипче пред се е недозволиво МВР да нема официјално соопштение., бидејќи има различни верзии за настанот.

„Сметам дека тоа е апсолутно недозволиво, затоа што се добива впечаток дека некој сака да ја скрие вистината. Граѓаните тоа не го заслужуваат и апелираме во што поскоро време МВР да истражи што се случило и со вистински информации да ја информира јавноста. Граѓаните тоа го заслужуваат. Меѓутоа ова мене не ме изненадува“, рече Филипче.

И од ЛДП денеска прашаа во кое својство реагирало обезбедувањето на Гаши и најостро го осудија инцидентот, кој ја загрозил безбедноста на патниците и посочуваат дека е недозволиво кршењето на законите.

Марија Митевска

 

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Престрелка во Чаир, едно лице е повредено

Дејан Дејан

Мицкоски: Нема да паднеме во замката на Бугарија да бидеме вовлечени во нејзиното предизборие

Дејан Дејан

Продаваат пелети како словенечки, а немаат врска со Словенија – директорот на ДПИ со предупредување до граѓаните

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе