Генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски се соседи. Живеат во зграда во центарот на Скопје. Ова денеска го обелодени СДСМ од каде прашуваат и како се поврзани подарениот имот на Јанушев вреден 325 илјади евра и имотот на Тошковски?
„Каков заеднички бизнис имале овие двајца? Дали преку шема на давање подароци овие двајца прикриваат некаква бизнис зделка која јавноста не треба да ја знае? Имаат ли скриени бизниси кои на крај завршуваат со подароци во имоти вредни над 300 илјади евра?“, изјави Богданка Кузевска, портпарол на СДСМ.
Јанушев вчера изјави дека имотот бил подарок од неговите родители и дека е впишан во анкетниот лист и очекува Антикорупциска да се увери дека се е чисто. Денеска преку Фејсбук пак порача дека хајката на СДСМ е неоснована и дека всушност не се работи за земјиште, туку за стан во зградата, а податоците биле погрешно внесени. Според него, СДСМ се исплашени од сознанијата до кои тој дошол кога ја преземал функцијата.
„Ајде тоа што затекнавме празни канцеларии, без столчиња и услови за работа, туку ќе треба да одговарате и за милионите евра фрлени за софтвери кои не функционираат, за картички кои не работат, за машини за штампање на пластика и документи кои невообичаено се во посед на ГС, за набавка на клима уреди кои се несоодветни за тоа што е потребно, но важно критериумот набавувачот да е од Струмица е задоволен и ред други работи“, напиша Јанушев на социјалната мрежа.
Тошковски во зградата има стан од 146 квадрати и деловен простор од 46 квадрати, а вкупната вредност на имотот е над 400 илјади евра. И тој реагираше на Фејсбук дека имотот е пријавен во анкетниот лист кој бил доставен на 4 јули во законски утврдениот рок.
„Одговорно тврдам дека надвор од она што е наведено во изјавата за имотната состојба не поседувам ништо друго. Ги повикувам институциите детално да го проверат мојот имот, но и имотот на секој актуелен и поранешен функционер, особено на оние кои целиот свој живот се на товар на државниот буџет“, напиша министерот Тошковски.
Антикорупциска во меѓувреме оформи предмет за проверка на имотот на генсекот врз основа на доставена пријава од Управата за финансиско разузнавање.
Марија Митевска
