За неколку години, неколку пријави. Семејното насилство одамна било проблем во домот на 36-годишната В.И. и нејзиниот сопруг, во Кратово.
Пријавувала самата, а имало пријави и против неа. Сега нема потврда, дали мотивот за злосторството е поврзан со семејно насилство.
Но, од Кратово вчера одекна веста дека сопругата си го убила својот сопруг и неговиот татко.
Осомничената користела нож како оружје за убиството.
„Синоќа околу 22 часот, полициски службеници од ОВР Кратово ја лишиле од слободат В.И. (36) од Кратово. Таа се сомничи дека во семејната куќа во Кратово, со остар предмет ги нападнала нејзиниот сопруг Ј.И. (38) и неговиот татко (63), кои починале од здобиените повреди. По насоки на јавен обвинител, телата на починатите биле предадени на обдукција, В.И. е приведена и задржана во полициска станица. По целосното документирање на случајот против неа ќе биде поднесена соодветна пријава“, информира Тони Ангеловски, портпарол на Министерството за внатрешни работи.
Од полиција брифираат дека последната пријава за семејно насилство пристигнала годинава, во полициската станица во Кратово и тоа од страна на сега осомничената В.И.
За семејно насилство, сега приведената ја пријавувала со поплака нејзината свекрва, а лани за истото дело ја пријавила и золвата.
Сепак, сега веќе убиениот сопруг уште во 2020 година, ја пријавил во полиција својата сопруга.
Во годината пред тоа, против Ј.И., сопругот на жената-сторител на вчерашното убиство, во Основното јавно обвинителство Куманово била поднесена кривична пријава, за делото загрозување на сигурноста при семејно насилство.
Петар Догов